Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Поради анатомската градба и други ризик фактори жените се посклони кон уринарни инфекции, Повеќе од половина од жените ќе имаат најмалку една епизода на уринарна инфекција во текот на животот.
Појавата на симптоми на инфекција на долниот уринарен тракт е сигнал да се зголеми внесот на течности, над 2 литри на ден, редовно да се празни мочниот меур, може да се земе лек против болка и некој природен препарат. Ако симптомите траат подолго од два дена, ако со влошуваат, ако се јави болка во слабините, крв во урината, температура задолжително треба да се консултира доктор.
При сомнение на уринарна инфекција треба да се направи анализа на урината и ако има позитивен наод на бактерии и леукоцити да се направи и уринокултура пред започнување со антибиотска терапија. Со уринокултурата се идентификува бактеријата предизвикувач и се добива податок на кои антибиотици бактеријата е осетлива.
Лекувањето е со антибиотици. Некомплицираните уринарни инфекции може да се лекуваат и пократко. За компликуваните и/или повторувачките инфекции потребно е подолготрајно лекување и превенција.
Претераната, непотребна и несоодветна употреба на антибиотиците доведе до појава на отпорност на бактериите. Ова доведе и до зголемено значење на алтернативните методи за лекување и превенција на уринарните инфекции.
Природните,билни препарати завземаат важно место во третманот на некомплицирани уринарни инфекции со цел рационализација на примената на антибиотиците и спречување на резистенцијата на бактериите на антибиотици. Овие препарати имаат добар ефект, а немаат несакани дејства. Помагаат за ублажување на тегобите, болката, пецкањето, честото мокрење. Може да се користат и заедно со антибиотик. Помагаат да не се повторуваат тегобите.
Мерки за превенција: соодветно одржување на лична хигиена, внес на течности над 1.5-2 литри на ден, редовно мокрење и избегнување на одложувањље на мокрење, мокрење по сексулна активност, бришење во тоалет од напред кон назад, памучна долна облека. Кај жени во менопауза може да се размислува и за локална употреба на креми со естрогени, пробиотски култури на база на Лактобацилус и производи од брусница. Ако овие мерки не се ефикасни може да се примени и долгорочна антибиотска терапија во помали дози.