Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Инфекција на мочниот меур, циститис, се јавува кога бактерии влегуваат во уринарниот тракт. Почеста е кај жени, непријатна е, досадна и иритирачка. Ургентност за мокрење, жарење и печење, често мокрење мала количина на урина, болка и грчеви во стомакот, матна урина со лош мирис.
Сама по себе инфекцијата нема да помине. Без соодветен и навремен третман може да се прошири на бубрезите и да предизвика сериозни компликации. Третманот е со антибиотици. Ниту една храна не може да ја излечи уринарната инфекција. Сепак, има одредени храни и пијалоци кои може да промовираат имунолошки одговор и да го подобрат здравјето на уринарниот систем.
Исхраната треба да го зголеми волуменот на урина и да ја разреди, да вклучи храна и пијалоци кои имаат умерен анти-бактериски ефект, да ја одржува урината алкална и да ги ублажи симптомите.
Најважно е да се пие многу вода, над 12 чаши на ден, за да се остане хидриран, да се исфрлат бактериите и да се забрза процесот на закрепнување. Внесот на вода може да се зголеми и со овошје и зелнчук.
Киселоста односно базноста (пХ) на урината е важен фактор за тоа колку уринарниот тракт е приемчив за бактериите кои предизвикуваат инфекција.
Сидерокалин е белковина која ја произведува нашиот имунолошки систем, има клучна улога во растот на бактериите. Највисоко ниво има кога пХ на урината е скоро неутрална.
Полифенолите, еден вид антиоксиданси, исто така помагаат во процесот на “блокирање” на бактериите.
Растителната храна се поврзува со помал ризик за инфекции, урината е помалку кисела, помага во превенција на раст на бактерии. Месото и белковините од животинско потекло ја прават урината покисела.
Чај од корен од бел слез, магдонос, коријандер, мечкино грозје (увин чај) – ја смирува воспалената слузокожа на мочниот меур.
Чист сок од брусница
Д-маноза е природен шеќер во брусницата и боровинките, спречува бактериите да се припијат за зидот на бешиката. Ги врзува бактериите за себе, особено Ешерихија коли, ги лепи едни за други и така ги елиминира со урината.
Млечните производи ферментирани со “добри” бактерии, јогурт, кефир го намалуваат ризикот за инфекција.
Бобинки – брусница, боровинки, малини, содржат проантоцијанидин кој спречува бактериите да се залепат на слузницата на бешиката.
Влакната овозможуваат регуларно празнење на цревата со што се намалува притисокот на протокот на урина. Цели зрна житарки, банани, јатки, мешунки.
Храна богата со пробиотици кои индиректно помагаат преку јакнење на имунолошкиот систем.
Лосос, додатоци од рибино масло – омега-3 масните киселини може да го намалат воспалението.
Намалување на потенцијално иритирачка храна и пијалоци ги намалува симптомите:
Кофеин, кафе, кола пијалоци
Алкохол
Шеќери, десерти и бонбони, засладени житарки.
Адитиви – моносодиум глутамат (МСГ), вештачки засладувачи.
Газираните, благи пијалоци ја иритираат бешиката, ги влошуваат симптомите кај тие што имаат инфекција.
Овошни сокови со шеќер, пијалоци на база на цитруси (лимонада)
Киселото овошје, лимони, портокали, грејпфрут, прави иритација и ги влошуваат симптомите. Влошување на симптомите се јавува и од грозје, јагоди, ананас.
Домати, преработки од домати
Зачинета, лута храна, лути пиперки, чили пиперчиња.