Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Во совршен свет би јаделе само кога би ни требала енергија, кога би биле гладни. Но често пати јадеме од причини кои немаат врска со физиолошките потреби. Проблемот да се јаде кога не сме гладни секој го почувствувал затоа што храната може да направи да се чувствуваме убаво.
Реалната глад се чувствува бавно, лесно може да се одложи и се задоволува со различни видови храна. Емоционалното или безумното јадење се јавува брзо и се тежнее кон одреден вид храна.
Често се јаде од досада, кога нема што да се прави или работата која треба да се заврши е здодевна, тешка или сакаме да ја избегнеме.
Потребата и желбата за вкус, да се проба “нешто” е варијанта на јадење од досада. Посегнуваме за храна со познат “добар вкус” во устата, особено кога сакаме брзо да постигнеме добро расположение.
Стресот го преплавува телото со кортизол, хормон кој игра улога во одговорот борба или бегство. За да се обнови енергијата по стрес, кортизолот тера да се јаде повеќе. Ако стресот е постојан дел од животот, кортизолот е постојано повисок и тера да се внесува постојано храна за енергија.
При замор нивото на грелин (хормон кој не тера да јадеме) се зголемува, а нивото на лептин (хормон на ситост) се намалува. Овие хормони го контролираат чувството на глад. Како резултат се јавува чувство на глад дури и кога телото не бара храна.
Емоциите се силен покренувач на желбата за храна, храната пополнува емоционална празнина. Се јаде при вознемиреност, тага, осаменост, страв. Храната дава удобност, комфор, топлина, задоволство. Се случува прејадување, се губи контрола и се внесуваат големи порции нездрава, брза храна за кратко време. Прејадувањето е начин да се менаџираат емоциите. Анксиозноста е силно поврзана со нарушувања во исхраната.
Ноќното јадење е проблем кога ноќе се јадат големи количини храна со многу калории, масти, сол, шеќери како чипс, благи, сендвичи или остатоци од храна.
Нервозно јадење се јавува кога на социјални настани се чувствуваме непријатно и нервозно. Јадењето во тие моменти е најудобно, го одвлекува вниманието од тоа што нé прави нервозни, дава нешто да правиме.
Може да постои навика за јадење која се создала од досада, во даден дел од денот да се внесе определена храна, тогаш телото тоа го очекува и без размислување се посегнува за јадење. Таква навика е кога се гледа ТВ и се грицка или навика да се јаде на биро додека се работи на компјутер.
Локацијата и мирисите се важни, престој во ресторан ќе стимулира желба за јадење.
Притисокот од околината, атмосферата или чувството на припадност со групата лесно понесуваат и повеќе се јаде.
Алкохолот влијае на дел од мозокот кој ја мониторира самоконтролата, задршките паѓаат, прави да не може да се оддолее на храната, се губи проценката за тоа кога и колку да се јаде.
Моќта на сугестијата на рекламите, сликите со храна води до полесно посегнување по храна која е при рака.