Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Бројни болести или состојби можат да предизвикаат тинитус. Во голем број од случаите причината не може да се открие.
Најчестата причина е оштетување на рецепторите за слух во внатрешното уво. Звучниот бран предизвикува треперење на тие рецептори кои личат на трепки. Притоа настанува иритација и создавање на електрични сигнали кои преку слушниот нерв стигнуваат до мозокот. Мозoкот ги интерпретира овие сигнали како звук. Ако овие клетки се оштетени, тие можат неконтролирано да “пропуштат” електрични импулси до мозокот што ќе се манифестира со тинитус.
Тинитус може да се јави и кај хронични воспаленија на увото, повреди и состојби кои го зафаќаат слушниот нерв или центарот за слушање во мозокот.
Најчести причини за тинитус
Кај повеќето пациенти тинитусот е предизвикан од некоја од следните причини:
Ослабување на слухот поради стареење – кај дел од луѓето после 60 години може да предизвика тинитус.
Долготрајна изложеност на гласна бука како таа од тешки машини, моторни пили или пукање од оружје, се чести причини за тинитус. Но тинитус може да се јави и после краткотрајна изложеност на гласна бука, на пример, музички концерт или дискотека, и тогаш за кратко време поминува, но понекогаш може да предизвика трајно оштетување.
Блокираност на ушниот канал со чеп од ушна маст може да направи притисок на ушното тапанче, при што се јавува тинитус. Симптомите ќе се смират откако ќе се отстрани чепот.
Промени во слушните ковчиња – можни се промени и зацврстување и фиксирање на едно од слушните ковчиња. Таа состојба се нарекува отосклероза. Притоа ослабува слухот поради лош пренос на звучниот бран, при што може да се јави тинитус.
Други чести причини за тинитус се:
Мениерова болест – го оштетува внатрешното уво и се манифестира со вртоглавица, оштетување на слухот, а често и зуење во увото.
Виличниот зглоб – воспалителни промени или нарушување на неговата стабилност, може да биде причина за тинитус.
Повреди на главата и вратот – разни повреди можат да го оштетат внатрешното уво или слушниот нерв.
Акустичен неурином – бениген тумор кој се јавува на слушниот и нервот за рамнотежа.
Нарушена функција на Евстахевата труба – каналот кој го поврзува средното уво со носот (Евстахиева труба) може понекогаш да остане проширена и отворењна постојано, што може да даде чувство на исполнетост на увото и шуштење.
Мускулни спазми во средното уво – има 2 мали мускули во средното уво, кои доколку се затегнати (во грч), покрај ослабен слух може да предизвикаат зуење.
Нарушување на циркулацијата може да е причина за тинитус:
Атеросклероза – на ѕидовите на крвните садови се наталожуваат депозити од холестерол при што доаѓа до нивно стеснување и намалување на еластичноста. Овие промени се јавуваат со возраста. Зуењето во вакви случаи најчесто е на двете уши.
Висок крвен притисок често може да предизвика тинитус.
Турбулентен крвоток – стеснување или искривување на вратната (каротидна) артетрија или вена (југуларна) може да предизвика неправилен (турбулентен) крвоток, што доведува до тинитус.
Промени на крвни садови – се работи за неправилна поврзаност меѓу артериите и вените во мозокот, која често доведува до тинитус во едно уво.
Лекови кои можат да предизвикаат тинитус
Голем број медикаменти можат да предизвикаат или да го потенцираат веќе постоечкиот тинитус. Тука спаѓаат некои антибиотици, медикаменти против рак, некои антидепресиви, аспирин, доколку се земе во поголема доза.
Ризик фактори за појава на тинитус
Секој може да добие тинитус, а ова се факторите на ризик кои може да доведат до тоа:
Изложеност на гласна бука – пролонгирана изложеност на гласна бука може да ги оштети нежните сензорни клетки во внатрешното уво кои го пренесуваат звукот кон мозокот. Луѓе кои работат во бучна средина, како фабрики или градилишта, музичари, војници се секогаш изолежени на таков ризик.
Возраст – со стареењето се намалува бројот на функционални нервни влакна на слушниот нерв, што се манифестира со ослабен слух, а некогаш и тинитус.
Пол – почесто се јавува кај мажите.
Пушење – ризикот за појава на тинитус е поголем кај пушачите.
Кардиоваскуларни проблеми како покачениот крвен притисок или атеросклерозата.