Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Надуеноста е непријатен симптом кој често се јавува и секој различно ја доживува. Поимот најчесто се однесува на надуен, дистендиран стомак кој изгледа отечено. Може да е пратена со нелагодност, чувство на полност, подригнување, гасови, метеоризам. Најчесто не е загрижувачка ако е асоцирана со храна, јадење, ако не се влошува со тек на време и поминува за ден –два.
Има многу причини за надуеност на стомакот; повеќето се едноставни и не толку сериозни.
Гасови – натрупување на гасови во желудник и црева е една од најчестите причини. Пропратни симтомиː подригнување, метеоризам, чувство на силни движења на цревата, гадење, блага нелагодност до интензивна болка и чувство како да е нешто заробено во стомакот. Во повеќето случаи гасовите исчезнува сами по себе по неолку часа.
Гасовите може да се предизвикани од одредена храна (карфиол, брокули, зелка, грав, леќа, кромид, прокељ, круши, сливи, кајсии, праски), инфекции на стомакот, хронични болести на дигестивниот систем, лошо варење на храната.
Храна која може да предизвика гасовиː мрсна храна, вештачки засладувачи (сорбитол), газирани пијалоци, млечни продукти, високо преработена, солена, силно зачинета, брза храна.
Готовата, брзата храна содржи моносодиум глутамат (се користи за задржување на свежината на храната) кој предизвикува надуеност кај некои лица.
Прејадувањето (многу јадење) веројатно е една од најчестите причини.
Јадење големи оброци навечер, пред спиење – ноќе системот за варење не работи како преку ден.
Голтање на воздух – пиење преку сламка, џвакање мастика, брзо јадење.
Газирани пијалоци – честа причина за надуеност.
Лошо варење – се нарекува диспепсија, постои нелагодност или болка во стомакот. Предизвикано е од премногу јадење, прекумерен внес на алкохол, лекови кои го иритираат желуднкот (ибупрофен), мала инфекција на желудник. Епизоди на лошо варење повремено може да се јават кај секого.
Честа појава на лошо варење кое не е поврзано со храна може да укажува на посериозна состојбаː чир на желудник, карцином, слабост на црниот дроб.
Инфекција на желудник – предизвика гасови, дијареа, повраќање, гадење, болка. Исчезнува сама по себе по некоку дена. Најести причинители се бактерии, Ешерихија коли или Хеликобактер пилори, од вирусите – норовирус или ротавирус.
Интолеранција на храна – на лактоза, алергија на глутен,болест целијакија, пропратено со болки во стомак и дијареа.
Задршка на течности – солена храна, интолеранција на храна, промени во хормоните водат до задршка на повеќе течности во телото. Кај жените тоа е случај пред менструација. Задршка на течност се јавува и при дијабетес или бубрежни проблеми.
Хронични болести на гастроинтестиналниот тракт – синдром на иритабилно црево, Кронова болест, рефлукс . Предизвикуваат гасови, дијареа, повраќање, губиток на тежина.
Гастропареза – афектирано е празнењето на желудникот и цревата. Мускулите на желудникот не работат како што треба, храната многу побавно го напушта желудникот. Се јавува надуеност, констипација, губиток на апетит, чувство на полност брзо по јадење, гадење, повраќање, подригнување, болка и нелагодност.
Гинеколошки состојби – ендометриоза, пременструален синдром, бременост.
Запек (констипација) – поради дехидратација, недоволно влакна во исхраната, интолеранција на храна, бременост, лекови, недостаток на хранливи материи (магнезиум),
Други причини – каменчиња во жолчно кесе или воспаление на зидот, канцер на желудник или црева, црнодробна болест со асцитес.