ВАША ОРДИНАЦИЈА: Зошто се прави спермограм, а зошто спермокултура?

by Marjan Velevski

Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска

интернист-нефролог

ПЗУ Промедика Медикал Центар

Спермограмот дава податоци за волуменот, вискозноста, брзината на ликвефакција, Пх, бојата, вкупниот број на сперматозоиди, нивната аглутинацијата и агрегацијата, процентот на прогресивно подвижни, не-прогресивно подвижни, слабо подвижни и неподвижни спермтозоиди.

На параметрите влијае апстиненцијата, алкохолот, некои лекови.

Ејакулатот има бела или сивкаста боја. Ако концентрацијата на сперматозоиди е ниска спермата може да е прозрачна, а ако е покафена може да содржи еритроцити.

Ликвефакција е појава кога спермата прво се згрутчува, а потоа се претвара во течност во присуство на ензими во ејакулатот. Настанува по 10-30 мин. изложеност на собна температура. Ако ликвефакција нема ниту по еден саат тоа значи дека сперматозоидите остануваат во грутчиња и може да е знак за дисфункција на простатата. Аглутинација е кога сперматозоидите се слепуваат еден за друг.

Вискозноста се однесува на густината, односно лепливоста. Зголемена хипервискозност ја намалува плодноста со намалување на подвижноста на сперматозоидите. Може да е поради дисфункција на простатата (хронично воспаление).

Волуменот е од 2-6 мл.

PH е благо алкален, 7.2-8.0, промените не се особено значајни за плодноста на мажот.

Концентрација на сперматозоидиː ≥20милиони/мл. Оплодување е можно и при помал број ако има висок процент на брзо подвижни.

Подвижностː ≥50% прогресивни или 25% брзо прогресивни. Сперматозоидите различно се движат. Некои се брзо подвижни, други слабо подвижни, а има и неподвижни. Колку повеќе брзо подвижни сперматозоиди толку квалитетот на спермата е подобар.

Морфологијаː ≥40% нормален облик. Во ејакулатот има процент и на деформирани сперматозоиди со аномалии на главата, вратот, средината на телото, опашката.

Леукоцитиː ≤1 милион/мл., зголемен број укажува на инфекција.

Спермокултура

Инфекциите на машкиот генитален систем се една од најчестите причини за машка неплодност, 15%.

Кај здрави особи уринарниот систем е стерилен и не содржи микроорганизми. При инфекција микроорганизми предизвикуваат воспаление кое може да се детектираат и во спермата.

Акутни и хронични инфекции во машкиот репродуктивен систем може да ја компромитираат функцијата на сперматозоидите и процесот на сперматогенеза предизвикувајќи квалитативни и квантитативни промени на сперматозоидите.

Бактериите одговорни за контаминација на спермата потекнуваат од уринарниот тракт на особата или се пренесени преку сексуален однос.

Спермокултура е тестирање на примерок на сперма. Детектира потенцијално патогени микроорганизми кои може да предизвикаат инфекција на генитоуринарниот тракт. Открива и други бактерии како микоплазма и уреаплазма, опционално детекција на Хламидија.

Спермокултура се прави кога има симптоми на инфекција на долен уринарен тракт и гениталниот системː болна ејакулација, хемоспермија (крв во спермата), променета боја и мирис на спермата, исцедок, ургентност и често мокрење, пецкање во уретра. Често во исто време се прави и уринокултура.

Хламидијата е доста честа, не дава симптоми и има големо влијание на плодноста, влијае на квалитетот на сперматозоидите.

Злоупотреба на алкохол (влијае на концентрација на тестостерон), цигари и наркотици, марихуана, хероин, кокаин, го намалуваат бројот на сперматозоиди.

Лекови, анаболни стероиди, хемотерапија, додатоци тестостерон, опијати, неповолно влијаат.

Сперматозоидите се многу осетливи клетки, одсобено се осетливи на топлина и затоа тестисите се надвор од телото, за да се зачуваат сперматозоидите на пониска температура од телесната. Идеална температура е 33 степени. Температурата ја зголемуваат лаптоп (ако се држи на нозете), мобилните телефони (ако се чува во преден џеб на панталоните), топли бањи, сауна, велосипедизам.

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com