Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Потење, перспирација, е производство на течност секретирана од потните жлезди во кожата.
Потењето е средство за терморегулација, за контрола на температурата. Испарувањето на потта од кожата има ефект на ладење. Затоа на топло време или кога има мускулна активност (вежбање) се произведува повеќе пот.
Потењето зависи од тоа колку потни жлезди имаме, од генетиката. Потните жлезди стануваат потполно активни во тек на пубертет, кај мажите имаат тенденција да се поактивни. Потењето е контролирано од автономниот нервен систем, дел од нервниот систем кој не е под наша контрола.
Има два типа потни жлезди. Екрините жлезди го покриваат целото тело, распоредени се на дланки, стапала, чело, пазуви, го продуцираат најголемиот дел од потта, лачат водена, солена пот која содржи и малку електролити, протеини, уреа и амонијак. Апокрини жлезди има под пазувите, на градите, генитоаналната регија и се блиску до фоликулите на влакната. Продуцираат поконцентрирана мрсна, матна секреција без мирис која добива мирис од распаѓање на бактериите.
Ноќно потење е појава на екцесивно потење додека спиеме, „силни бранови на топлина и потење кои ги намокруваат пижамите и чаршавите“. Ноќното потење може да не е штетно (претопла соба, многу прекривки), но може да е знак и за сериозна болест.
Хормоналните промени поврзани со перименопауза и менопауза, „топли бранови“, се една од најчестите причини кај жени над 40 години.
Тироидните хормони го контролираат метаболизмот и кога ги има повеќе, хипертироидизам, метаболизмот се забрзува, зголемено е потењето и чувствителноста на топло.
Низок шеќер, хипогликемија кај лица со предијабетес, дијабетес.
Анксиозност, стрес, грижа, страв, панични атаки, „преактивен мозок“ водат до препотување и забрзано чукање на срцето преку ден но и ноќе.
Лекови за намалување на температурата, ацетаминофен, нестероидни антиинфламаторни лекови, аспирин, ибупрофен, некои антидепресиви, хормонска терапија, стероиди, некои лекови за глауком и сува уста, лекови за намалување на шеќерот во крвта.
Зависност или апстиненција од алкохол, наркотици, кокаин, канабис, опоиди, бензодиазепини.
Инфекциите може да се тригер за ноќно потењеː остеомиелитис, бактериски ендокардитис, абсцеси, бруцелоза, туберкулоза (кај половина од пациентите, мала постојана температура), ХИВ (1 од 10 имаат ноќно потење).
Тумори – лимфомот е најчест канцер кој предизвикува ноќно потење; канцер на простата, бубрег, тестиси, овариуми, бели дробови, тироидна, на панкреас. Карциноидни тумори – ретки, неуроендокрини тумори во дигестивниот систем или белите дробови кои секретираат хормони во крвта. Феохромоцитом – тумор на надбубрежните жлезди кој произведува многу хормони (катехоламини) кои го покачуваат крвниот притисок и предизвикува ноќно потење, главоболка, забрзан пулс.
Автоимуни болести
Гастроезофагеален рефлукс
Слип апнеа
Невролошки состојби – мозочен удар, автоимуна невропатија, посттрауматска сирингомиелија.
Консултација со доктор е потребна ако ноќните препотувања се чести, траат подолг период, влијаат на други аспекти од секојдневниот живот, се јават и други здравствени промени (треска, губиток на тежина, дијареа, кашлица, болка).