Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Еден од најчестите знаци на болестите е покачена температура.
Нормалната телесна температура кај возрасните варира од 36,1 до 37,2 степени. Покачена температурата може да е знак за болест поради вирусни, бактериски или габични инфекции, труење со храна, изгореници, инфламација, тумор. Но може да се објасни и со други активаториː напорно вежбање, амфетамини, апстиненција од алкохол, топлотен удар, имуносупресиви, вакцини, стероиди, хемотерапија.
Кај хроничните заболувања покачената температура може да е посериозен знак – астма, срцеви, бубрежни, ревматолошки и црнодробни болести, Кронова болест, церебрална парализа, цистична фиброза, мултипла склероза, мускулна дистрофија, СИДА.
Нормалната температура варира помеѓу луѓето и во текот на денот се менува од околу еден степен под и над 37Ц. Пониска е преку ноќ, пред зори и највисока попладне, навечер.
Температурата варира и од местото каде се мери. Ректалната (внатрешна) температура е повисока; мерена во устата и под мишка може да се земе за актуелна температура на телото.
Мала температура, повисока од нормално но пониска од 38 степени, се јавува при настинка или после вакцина.
Температурата е природна појава. Се јавува како одговор на телото во борба со инфекција, му кажува на имунолошкиот систем да создава повеќе бели крвни зрнца и затоа не секогаш треба да се третира.
Треската се поврзува со стимулација на имунолошкиот одговор. Целта е да се покачи температурата доволно високо за да убие одредени бактерии и вируси кои се осетливи на темепературни промени и потешко преживуваат.
Треските обично се самоограничувачки, ретко имаат сериозна природа и само по себе исчезнуваат за три дена. Кога температурата се зголемува за 1-4 степени инфекциите побрзо се расчистуваат.
Денес се смета дека ако се чувствувате добро, имате апетит, спиете, извршувате полесни работи температурата не треба да се намалува, таа се бори со болеста. Доволно е одмор, течности, туширање со млака вода.
Висока температура се смета кога е над 38 степени, од 38 до 39.4 степени. Може да се земат лекови за намалување на температурата. Температури над 40 степени го изложуваат телото на диретни температурни стресори, клетките се оштетуваат и умираат.
Сериозно е и треба да се консултира доктор ако се јави силна главоболка, вртоглавица, конфузност, осетливост на светло, вкочанет врат, кожен осип, повраќање, отежнато дишење, мускулни грчеви, дехидратација, болки во стомак, намалено мокрење.
Температурата е предизвикана од пирогени, супстанци кои се јавуваат кога протеини и други токсини се ослободуваат кога имунолошкиот систем го идентификувал патогенот. Пирогени произведуваат ткивата на организмот и самите бактерии и вируси. Ги напаѓаат и уништуваат патогените и инфицираните клетки. Некои пирогени сигнализираат и активираат други крвни клетки.
Пирогените со крвта стигнуваат до мозокот каде е центарот за регулација на топлина, се врзуваат за рецепторите во центарот, телото создава и задржува повеќе топлина, тоа предизвикува треска за да помогне патогените да се убијат.
Дефиницијата “долг период на време”, “пролонгирана треска” варира зависно од причината за треска, за повеќето болести е ако трае подолго од пет дена. Ако температурата трае долго време има ризик од компликации, слабост на органите, сепса, невролошки оштетувања, грчеви, делириум и смрт.