Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Дебелината е хронична, прогресивна состојба која се лекува. Вишокот тежина, особено како телесни масти, води до здравствени проблеми кои може да се спречат со намалување на тежината:
Дијабетес тип 2 – мастите во стомакот поврзани се со инсулинска резистенција, телото произведува инсулин но клетките не можат правилно да го искористат за да ја искористат глукозата од крвта; 9 од 10 луѓе со дијабетес тип 2 имаат прекумерна тежина.
Висок крвен притисок – срцето пумпа посилно за да обезбеди крв до сите клетки и тоа го оптоварува; 80% пациенти со хипертензија се дебели. Таа сила ги оштетува зидовите на крвните садови и го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар.
Висок холестерол – одредено влијание имаат и гените, но важно е и што јадете и дали вежбате. Нездравата храна може да го зголеми “лошиот” ЛДЛ холестерол и триглицеридите. Дебелината е главен ризик фактор за срцеви заболувања.
Стврднати артерии – дебелината, дијабетесот, високиот крвен притисок, високиот холестерол и воспалението што се јавува ги оштетуваат, стврднуваат артериите. Тоа може да го намали потребниот дотур на крв во органите и ткивата.
Неалкохолна масна болест на црниот дроб – кога масти се насобираат во клетките на црниот дроб, тоа може да го оштети и да се создадат лузни (фиброза) со тек на време. Состојбата се јавува 2-3 пати почесто кај особи со дебелина.
Болести на жолчно кесе и панкреас – панкреатитис, каменчиња во жолчно кесе и холециститис. Голема количина масти околу половината го зголемува ризикот за развој на жолчни камења, но, и брзото слабеење го зголемува ризикот.
Гихт – вишокот мочна киселина во телото формира кристали кои се таложат во зглобовите (палец, глужд, колено). Состојбата оди и со инсулинска резистенција. Покрај намалување на тежината се препорачува физичка активност и исфрлање на одредени намирници од исхраната.
Слип апнеа – дебелината влијае на појавата на гласно ‘рчење и кртакотрајни прекини на дишењето во тек на спиење. Последиците се умор, поспаност преку ден, проблеми со расположението, сеќавањето, срцеви тегоби.
Остеоартритис – вишокот тежина ги оптоварува зглобовите и ‘рскавиците, предизвикувајќи вкочанетост и болка. Намалувањето на тежината го намалува притисокот на колковите, долниот дел од ‘рбетот и колената. Вежбањето е најдобра работа што може да се направи
Бубрежна болест – високиот крвен притисок и дијабетесот се најчестите причини за бубрежна болест.
Проблеми со плодноста – проблеми со менструација, овулација, потешко забременување и проблем да се доведе бременоста до крај; кај мажите – помал број на сперматозоиди и помалку квалитетна сперма.
Проблеми со сексуалната функција – ризик од развој на еректилна дисфункција, губење на сексуалната желба кај жени.
Проблеми врзани со бременост – поголема е веројатноста за појава на гестациски дијабетес и прееклампсија, ризик од порано породување.
Канцер – некои висови рак се поврзуваат со дебелината, масните клетки создаваат хормони кои влијаат на начинот на кој клетките растат. Кај мажи: колоректален, простата. Кај жени: дојка, ендометријален, жолчно кесе.
Проблеми со менталното здравје – долготраен стерес, проблеми со сликата за сопственото тело, ниска самодоверба, депресија, наршување во исхраната.