ВАША ОРДИНАЦИЈА: Зачувајте ги бубрезите здрави

by Тони Зографски

Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска

интернист-нефролог

ПЗУ Зегин Интермедика

Здравјето на бубрезите е од витална важност за целокупната состојба на организмот.  Нивната функција во телото е отстранување на отпадните материи од крвта и регулација на количината на течност во телото.

Кога бубезите се преоптоварени со токсини, отрови, може да дојде до заболување на бубезите. Најголем ризик за развој на бубrежни болести имаат луѓето со шеќерна болест (дијабетес), висок крвен притисок (артериска хипертензија) или со генетски предиспозиции за болести на бубрезите.

Ако бубезите се здрави тие не бараат посебна грижа. Здрава, врамнотежена исхрана и адекватен внес на вода се доволни. Но, добро е да се следат некои препораки за добро здравје на бубрезите.

Одржувајте ги крвниот притисок и шеќерот во крвта нормални

Дијабетот и артериската хипертензија се водечки причини за бубрежна болест. Со тек на време високиот шеќер во крвта ги оштетува бубрезите водејќи до дијабетична нефропатија. Покачениот крвен притисок ги оштетува малите крвни садови во бубрезите.

Врамнотежената исхрана е дел од доброто здравје. Клучот на здравата исхрана е повеќе растителни продукти, овошје и зеленчук, а помалку рафинирана (преработена) и мрсна храна.

Намален внес на месо – исхрана богата со белковини од животинско потекло ги оптеретува бубрезите и може да води до создавање на каменчиња. Месото создава мочна киселина која е причина за создавање на каменчиња и болеста гихт.

Намален внес на сол – вишокот на сол може да води до создавање бубрежни каменчиња и да го зголеми крвниот притисок. Дури и да не додаваме сол, веќе внесуваме 75% сол со храната што ја купуваме. Намирници богати со сол: сирење, маслинки, кисели краставички, инчуни, солена риба, пушена риба и месо, сланина, шунка, салами,  сосови, соја сос.

Бидете хидрирани – клучен аспект за здрави бубрези е адекватен внес на вода, 2-3 литри течност на ден. Водата помага бубрезите да ги исфрлат отровите и спречува бубрежни каменчиња и инфекции.

Прекин на пушење цигари – пушењето го зголемува ризикот од болести на бубрезите и карцином на бешика, мозочен и срцев удар кај лица со хронична бубрежна болест.

Намалете алкохол – премногу алкохол значи дека бубрезите треба да работат на поголемо отстранување на отрови од крвта.

Намалете кофеин – кофеинот делува како диуретик кој предизвикува телото да губи повеќе течности.

Бидете активни – вежбањето е важен елемент за здравјето на бубрезите. Но ако веќе имате бубрежни прблеми избегнувајте напорно вежбање и посоветувајте се со вашиот лекар.

Калциумот и фосфорот се важни за здрави коски и заби но ако бубрезите не работат како што треба, да се ограчи внесот на намирници кои содржат многу фосфор.

Опасни се вископротеински диети

Намалете ја тежината ако сте дебели, намалете го внесот на калории и бидете активни, намалете внес на храна богата со масти и шеќери.

Не претерувајте со аналгетици, нестероидни антиинфламаторни лекови

Правете контролни лабораториски анализи, крв и урина

Направете ултразвучен преглед

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com