Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Употребата на алкохол е лична определба. Кога се консумира алкохол, 33% веднаш се абсорбира во крвта, преку желудочната лигавица. Остатокот бавно се абсорбира во крвта преку тенкото црево и навлегува во скоро секое ткиво во телото.
Нивото на алкохол во крвта зависи од возраста, тежината, полот, композицијата на телото, општата здравствена состојба, присуството на други лекови и наркотици.
Дури и мала количина на алкохол негативно влијае и телото се обидува да го екскретира. Ако се пие повеќе отколку што телото може да преработи настанува интоксикација. Функцијата на мозокот се успорува и се афектирани нервните завршетоци. Се јавува возбуда или инхибиција и вкочанетост.
Алкохолот се поврзува со депресија, анксиозност, социјална изолација, насилно однесување, ризик од собраќајни незгоди, самоубиства, повреди.
Нервен систем – се менува однесувањето, мислењето е “заробено”, зборувањето е неразбирливо, ослабена е координацијата на движењата, погледот е замаглен, успорени се рефлексите. Намалена е контролата на импулсите и помнењето, се јавува времена амнезија, “црни петна”. Се оштетуваат нервните клетки и се јавува невропатија, слабост, привремена парализа, губиток на сензација или пак болка, чувство на жарење.
Поради зголемено ослободување на ГАБА и допамин, природни неуротрансмитери, може да се јави скратен здив, висок крвен притисок, забрзано чукање на срцето, делузии, халуцинации, кошмари, спазми, зголемено ниво и на агресија и на депресија.
Дигестивен систем – најбрзо се јавуваат проблемите во тенкото црево, пореметена абсорпција на хранливи материи што води до малнутриција. Се зголемува продукцијата на киселини што предизвикува гастритис. Лигавицата на желудникот се иритира и инфламира, се јавуваат улкуси, крварење и анемија. Се јавува болест на гингивите и испаѓање на забите, рефлукс, улкуси на хранопроводот, крварење во тенко црево, хемороиди.
Екскреторен систем – панкреасот ја губи нормалната продукција на инсулин и може да се јави дијабетес, се создаваат токсични субстанци кои водат до инфламација и деструкција на панкреасот.
Алкохолот се метаболизира во црниот дроб и тој се оштетува Се јавува стеатотичен црн дроб, алкохолен хепатитис, жолтица, цироза и црнодробна слабост ако не се престане со алкохолот. Може да се оштетаат бубрезите и мочниот меур.
Имун систем – слабее имуниот систем, белите крвни зрнца (леукоцитите) се успоруваат и се помалку ефикасни. Се зголемува осетливоста кон инфекции, се зголумува ризикот за канцер.
Скелетен систем – алкохолот е диуретик и калциумот кој е потребен за силни коски се исфрла. Се инхибира создавање на нова коска, се зголемува ризикот за остеопороза и скршеници. Мускулите слабеат, се јавуваат грчеви или атрофија.
Репродуктивен систем – се пореметува продукцијата на хормони што води до неплодност. Кај мажите може да се јави еректилна дисфункција, кај жените се пореметува менструалниот циклус.
Циркулаторен систем – зголемен ризик за срцеви проблеми особено кај жените, ирегуларен ритам, висок крвен притисок, кардиомиопатија, високи маснотиите во крвта, срцев или мозочен удар.
Канцер – има силна поврзаност на алкохолот со некои типови на канцерː
Глава и врат – особено во усната празнина, ждрело, ларинкс. Ризикот е поголем кај пушачи.
Хранопровод и Црн дроб – алкохолот е главен ризик фактор за развој на канцер.
Канцер на дојка – нивото на естрогени расте кога се консумира алкохол, зголемен ризик асоциран со зголемен внес на алкохол.
Колоректален канцер – умерено зголемен ризик за канцер на колон и ректум.