Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Крварењето од нос е честа појава во секојдневната пракса на лекарите, посебно оториноларинголозите. Крварењата со послаб интензитет во најголем број од случаите спонтано запираат, но кај пообилните крварења потребна е лекарска помош. Најчесто се јавува кај деца и повозрасни лица, неретко и кај трудници поради хормонското влијание на носната лигавица и крвните садови.
Причините за крварење од нос можат да бидат општи и локални
Локални причини се разни анатомски промени како искривувања на носната преграда или слабост на крвните садови, посебно во предните зони на рскавичниот дел на носната преграда. Честа причина е повреда на носот, и чепкање на носот. Децата често ставаат разни предмети во нос, што може да доведе до епистакса. Иритација на лигавицата од сув воздух, студ, промена на воздушниот притисок може да направи крварење од нос.
Општите најчесто се поврзани со други болести како покачен крвен притисок, атеросклеротични промени на крвните садови, болести на црниот дроб, бубрезите, дијабетес и болести како хемофилија, анемија. Причина за крварење можат да бидат и грип или сипаници. Долготрајна употреба на капки во нос како и некои лекови можат да предизвикаат крварење.
Третман и лечење
Пред да се јави кај лекар, пациентот може сам да превземе некои чекори за кој ќе го ублажат или во најголем број случаи ќе го сопрат крварењето, доколку е полесно. Најважно е пациентот да остане смирен. Треба да се измие со ладна вода и лесно да се издува носот. Главата треба да се наведне напред, никако назад, бидејќи крвта ќе се слева во грлото. Со палецот и показалецот се притиска предниот, мекиот дел на носот. Притисокот треба да трае околу 5 минути. Може да се стави ладна облога, мраз на носот на страната која крвари, а може да се стави и ладна облог на вратот. Доколку крварењето не запира со ваква постапка, треба да се побара помош од лекар. Во најголем дел од потешките крварења, оториноларинголог е тој што ја решава состојбата.
Доколку крварарењето е од предните партии, може да се запре со апликација на сребрен нитрат, а понекогаш се прави каутеризација. Често е потребно да се направи предна тампонада, најчесто се специјално направени ленти од газа. Се користат и така нарачени балон катетри. Тампонадата стои до 48 часа. Во ретки случаи кога крварењето е од задните ареи, во анестезија, се изведува задна тампонада. Кога се работи за потешки епистакси се прават лабораториски и други клинички испитувања за да се открие причината за краварењето. За цело време треба да се прима витамин Ц, по потреба витамин К и антибиотик.