Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Калиумот е минерал и елктролит, еден од седумте есенцијални макроминерали. Помага во работата на мускулите, срцевиот мускул и мускулите вклучени во контрола на дишењето. Калиумот доаѓа од храната која ја јадеме. Телото го користи калиумот кој му е потребен, вишокот калиум се исфрла преку бубрезите.
Калум го намалува крвниот притисок и ризикот од мозочен удар, штити од губиток на мускулна маса, ја одржува густината, дензитетот на коските, спречува во формирање на бубрежни каменчиња.
Примарната функција е во регулација на балансот на течности, ацидобазната рамнотежа на телото и контрола на електричната активност на срцето и другите мускули.
Калиумот се наоѓа во цела, непреработена храна. Храната богата со калиум одржува алкална средина во телото. Богати со калиум се цвекло, краставица, домати, свеж лиснаст зеленчук, грав, соја грав, авокадо, компири, благ компир, банана, печурки, диња, портокал, туна, јогурт.
Обработка на храната во голема мера ја намалува количината на калиум во храната.
Хиперкалемиа:
Најчеста причина за висок калиум е намалена бубрежна функција.
Други причини сеː
лекарства, инхибитори на ангиотензин конвертирачкиот ензим (АКЕ), хормонален недостаток, адренална слабост (Адисонова болест), деструкција на црвените крвни зрнца, тешка повреда или изгореници, ексцесивен внес на суплементи со калиум.
Најголемиот дел од калиумот во телото е во клетките. Бубрезите ја контролираат екскрецијата на калиум во урината.
Вистинската хиперкалемиа е сериозен и животно загрозувачки проблем. Може да предизвика мускулна слабост, парализа, замор, абнормален срцев ритам (аритмија), гадење и повраќање.
Некогаш хиперкалемијата може да се должи на руптура на црвените крвни зрнца во земениот примерок на крв, руптурираните клетки го испуштаат калиумот во серумот. Ова лажно го зголемува калиумот во примерокот на крв, иако вистинското ниво на калиум во крвта е всушност нормално.
Хипокалемиаː
Ниско ниво на калиум во крвта може да е резултат од различни состојби. Најчесто ексцесивен губиток на калиумот е преку урината или преку гастроинтестиналниот тракт порадиː
употреба на диуретци, лаксативи
пореметена бубрежна функција
екцесивна продукција на хормонот алдостерон (хипералдостеронизам) од адреналните жлезди
пореметувања во исхраната
екцесивно повраќање или диареа.
Ретко, хипокалемиа може да се јави ако не се внесува доволно калиум со исхраната.
Калиумот е електролит кој е критичен за функцијата на нервните и мускулните клетки, вклучувајќи ги и срцевите. Поголемата количина на калиум е во клетките. Затоа, нивото на калиум во крвта може да не го рефлектира вкупниот калиум во телото.
Знаци и симптоми на низок калиум сеː слабост, замор, слабост и мускулна болка низ цело тело, мускулни грчеви, парализа, чувство на трпки, вкочанетост во раце и нозе, респираторна слабост, констипација,болна опструкција на цревата, абнормален срцев ритам (аритмии).
Многу ниско ниво на калиум може да е животно загрозувачко.