Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА
Дијагнозата на секреторниот отитис се поставува со отоскопски преглед на увото и ушното тапанче. Ушното тапанче е заматено, без јасни детали. Често е повлечено. Некогаш се гледаат и меурчиња од воздух зад слушното тапанче.
Дијагнозата се потврдува со тимпанометрија. Тимпанометријата е техника која се прави со цел да се потврди присуството на секрет во средното уво. Таа се изведува со апарат нарачен тимпанометар, со кој прецизно се одредува подвижноста на тапанчето како и тоа дали во средното уво постои течност. Со тој тест се утврдува и ослабена подвижност на тапанчето и низик притисок во средното уво. Кај деца постари од 4 години може да се направи и аудиометрија.
Кај децата, но и кај возрасни често е потребно да се направи ендоскопски преглед на назофарингс, ложата во која се наоѓаат отоврите на евстахиевата труба, за да се исклучи присуство на трет крајник.
Треба да се знае дека со одстранувањето на секретот од средното уво, слухот целосно се враќа во нормални граници, и во најголем дел од случаите нема никакви последици.
ЛЕКУВАЊЕ И ТРЕТМАН
Кај повеќето пациенти чекањето е се што е потребно. Во голем број од случаите СОМ спонтано поминува во период од 3-4 недели.
Антибиотици и деконгестиви можат да се дадат на почетокот, но во голем број случаи не се ефикасни. Најчесто се употребуваат назални (локални) кортикостероидни спрејови, секретолитици, антихистаминици.
Се применува и валсалва маневар или полицерови вежби. Овие две процедури се применуваат со цел да се внесе воздух преку евстахиевата труба во шуплината на средното уво. Валсалва вежбата ја прави самиот пациент така што со затнат нос и уста, дува со носот. Полицеровата вежба ја прави лекар, со тнр полицеров балон.
Во случај на постоење на алергија или инфекција на нос или синуси, треба адекватно да се лекува. Терапијата понекогаш не го постигнува саканиот ефект.
Периодот на чекање и следење на состојбата може да продолжи и до 6 месеци доколку нема структурни промени на ушното тапанче, или некое значително оштетување на слухот, или пак заостанување во говорот или учењето.
Доколку после периодот на чекање не дојде до подобрување, се советува оперативно лекување. Се прави миринготомија, т.е мал отвор на ушното тапанче, се аспирира секретот од средното уво и се постава мало вентилационо цевче. Операцијата се изведува во општа анестезија. На овој начин се отстранува секретот од ушната празнина и се обезбедува вентилација на средното уво. Со вентилационите цевчиња се спречува рецидивирање на воспалението и повторно насобирање на течност. Вентилационите цевчиња стојат на ушното тапанче во просек од 6 месеци до една година, што овозможува целосно опоравувње на увото.
По зараснувањето на ушното тапанче, цевчињата најчесто сами се отфрлаат во ушниот канал. Ретко е потребно да се вадат од страна на оториноларингологот.
Доколку секреторниот отитис е долготраен или често се повторува, покрај ставањето на вентилациони цевчиња, се прави отстранување на третиот крајник. Операцијата на третиот крајник е со цел да се отстрани како механичка пречка или како евентуален извор на инфекции во носот или самиот влез на евстахиевата труба.
Пациенти со секреторен отитис треба да се избегнуваат ситуации кои се поврзани со промена на воздушниот притисок. Треба да се избегнува патување со авион или нуркање. Доколку мора да се патува, треба да џвака гума за џвакање, или храна, како и пиење од шише, што може да ја ублажи нелагодноста која се создава при патувањето.
Треба да се има на ум дека секреторниот отитис е најчеста причина за ослабен слух кај децата од претшколска возраст. Доколку се посомневата дека вашето дете послабо слуша, а покрај тоа има и чести воспаленија на ушите или честа секреција од носот, јавете се на преглед и испитување на слухот.
Важно е правовремено да се постави дијагнозата и правилно да се реши.