Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Расте можноста дека стресот може да предизвика автоимуна болест. Висока е инциденцата на автоимуни болести меѓу лица кои претходно биле дијагностицирани со болести поврзани со стресот.
Стресот е нормален дел од животот. Тоа е физички, ментален или емоционален фактор кој предизвикува телесна или ментална напнатост; реакција на телото на секоја промена која бара прилагодување. Стресот е физиолошки одговор на закана, се активира одговорот на “борба или бегство”. Телото реагира, крвните садови се стеснуваат, пулсот и дишењето се забрзуваат, крвниот притисок расте, во крвта се излачуваат многу хормони како кортизол и адреналин. При хроничен стрес овие промени со тек на време водат до здравствени проблеми.
Што предизвикува стрес кај една личност е многу индивидуално. Стресот води до лошо емоционално чувство и може да влоши некои здравствени состојби.
Најдени се повеќе здравствени проблеми поврзани со стрес. Стресот ги влошува или го зголемува ризикот за состојби како обезност, диабетес, срцеви болести, астма, депресија и анксиозност, главоболка, дигестивни проблеми, Алцхајмерова болест, забрзано стареење (под висок стрес одредени региони на хромозомите покажуваат ефекти на забрзано стареење), прерана смрт.
Автоимуните болести се состојби кога имуниот систем ги напаѓа сопствените ткива. Има многу автоимуни болести и нивниот број и честотата на јавување постојано е во порастː ревматоиден артритис, лупус, васкулитис, мултипла склероза, дијабетес тип 1, псоријаза. Некогаш се потребни повеќе години додека да се дијагнстира болеста затоа што симптомите се различни и нејасни.
Во некои случаи, состојбата е обележана како “автоимуна” кога има инфламација и имуниот систем е активен, а не се знае причината. Но, инфекцијата може да го направи истото. Во иднина некои од состојбите кои сега се сметаат за автоимуни можеби ќе се покажат дека се хронични инфекции кои сé уште не се идентификувани.
Најдена е асоцијација помеѓу состојби поврзани со стрес како анксиозност, депресија и посттравматичен стрес и автоимуните болести.
Не се знае точно како болеста поврзана со стресот може да провоцира или причини автоимуна болест. Иако лицата кои биле дијагностицирани со болест поврзана со стрес поверојатно е да развијат автоимуна болест не може да се заклучи дека болестите предизвикани со стрес предизвикуваат автоимуни болести.
Често не може да се одреди точно кога започнала автоимуната болест или болеста поврзана со стресот. Автоимуната болест може да постоела и пред појавата на болеста поврзана со стрес.
Не се знае точно како психичките реакции на стресорите резултираат со имунолошка дисфункција и дали тоа навистина допринесува за развој на автоимуна болест.
Друга можност е лицата кои се во услови на силен стрес да имаат нездрави навики (пушење цигари, злоупотреба на алкохол, наркотици) кои може да се ризик за автоимуни болести.
Важно прашање е дали третман на болестите поврзани со стрес може да превенира автоимуна болест. Затоа се смета дека може да помогнат психотерапија, здрава исхрана, физичка активност, јога, медитација, масажа.