Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Вежбањето е многу важно за доброто здравје, но ако телото се бори со болест му треба време да се опорави. И ако вежбате додека сте болни, времето на опоравување може да се продолжи.
Во време кога не се чувствувате најдобро не е препорачливо да сте 100% посветени на вежбањето. Некогаш е подобро да се земе ден-два одмор.
Умерено вежбање го зајакнува имунолошкиот систем. Но тоа не значи дека побрзо ќе се опоравите од настинката. Нема докази дека може да се ослободите, да ја “испотите” настинката со вежбање. Интензивното вежбање продуцира хормони кои го намалуваат имунитетот и ве прават поосетливи на други инфекции.
Одлуката дали ќе вежбате или не зависи од симптомите и нивната тежина. Проценете како општо се чувствувате. Ако чувствувате дека ви треба одмор, дозволете си да се одморите. Прескокнување на неколку тренинзи нема да ве врати многу назад.
Болеста води до замор и дехидратација кои вежбањето може да ги влоши. Ако сепак вежбате, внесувајте доволно вода, овошје, зеленчук и посно месо.
Ако имате настинка, ако симптомите се “над вратот”, печење на очите, течење на нос, главоболка од синусите и болка во грлото, веројатно ќе можете да вежбате. Но сепак се советува да се одморите, да ја заштедите енергијата и да закрепнете побрзо. Слушајте си го телото. Ако не се чувствувате доволно добро за да вежбате, немојте да вежбате.
При мала настинка може да се вратите на здраво вежбање неколку дена по престанок на симптомите.
Ако имате тешка настинка или грип, ако симптомите се “под вратот”, болка во градите, отежнато дишење, долнореспираторна инфекција, гадење и/или повраќање, треска, болки во мускулите, не треба да вежбате. Важно е на телото да му дадете малку одмор зашто вежбањето може да предизвика сериозни здравствени проблеми, бронхитис, пневмонија, оптеретување на срцето.
Ако сте имале грип се советува да се вратите на вежбање постепено, прво со благи до умерени вежби.
Стомачен вирус, гастроентеритис или “стомачен грип” значи губиток на течности преку повраќање, проливи. Често пати пропратен е и со треска, грчеви, мускулни болки. Најдобро е да не се вежба еден до три дена.
Треска, температура и болки во мускулите значат дека не треба да вежбате. Кога се има температура работата на срцето е забрзана и вежбањето ќе го стави срцето под големо оптоварување. Ризикот од дехидрација е поголем кога се има температура и вежбањето само го зголемува тој ризик.
Температурата е знак дека телото се бори и најдобро е да му се помогне на телото со одмор за да побрзо заздрави.
Прилагодете го вежбањето соодветно
Ако не се чувствувате добро приоритет е да се одморите и заздравите. Но ако сепак решите да вежбате, прилагодете ги вежбите, намалете го времето и тежината на вежбите.
Грипот е високо заразна болест и лесно се пренесува меѓу луѓето. Ако сте заразни не е фер спрема останатите кои вежбаат затворениот простор, во салата, теретаната. Во сезона на грип бришете ги справите кои ги користите пред и по вежбањето.