Д-р Елена Арсова, менаџер на Hair Clinic Beograd (www.hairclinicbalkan.com)
МИТ : Ако имам проблем со меки и кршливи нокти, ставање вештачки нокти или гел ќе ми го реши проблемот
ВИСТИНА : Многу луѓе веруваат дека ако имаат проблем со ноктите, со примена на вештачки нокти ќе добијат добар изглед на ноктите и ќе ги зацврстат ноктите.
Но тоа не е точно . Криењето на проблемот под вештачките нокти, нема да направи проблемот да исчезне. Напротив ќе го влошат проблемот на ноктите. Затоа ако имате кршливи нотки или склоност кон габична инфекција, вештачките нокти не се за вас.
Значи вештачките нокти не се лоши, но не се препорачуваат за лица кои имаат проблем со ноктите.
Цврстите нокти се всушност здрави и негувани нокти за кои правилно се грижите.
Ноктите се изградени од протеин па затоа храна богата со протеини е неопходна за одржување на здрави нокти. Протеини од мешунки, јајца, месо, овесни снегулки и јаткасти плодови се одлични за ноктите. Калциумот пак спречува ноктите да станат меки и кршливи. Витамин Б и Б12 помагаат во зајакнување на ноктите, а витамин Ц спречува појава на лупење на заноктиците.
Одржување на ноктите суви и чисти спречува бактерии и други микроорганизми да пролиферираат под ноктот. Гумени ракавици пак ги штитат вашите нокти кога користите сапуни и детергенти подолго време. Правилно исечени нокти исто така се значајни за да се зачува нивната цврстина.
Хидратација на вашите нокти ги одржува здрави и цврсти. Да не ги заборавиме и ноктите на стопалата, за кои е неопходно да се носат адекватни обувки кои нема да притискаат на ноктите.
Одбегнувајте да ги чепкате ноктите со неадекватни инструменти, не ги гризете ноктите и кутикулите бидејќи може да го оштетите лежиштето на ноктот. Не ги влечете заноктиците затоа што може да го оштетите ткивото под нив.