Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Во денешно време сé почести се бубрежните болестиː уролитијаза (песок, камен во бубрезите), воспаленија на бубрезите, гломерулонефрит, пиелонефрит, бубрежна слабост. Грижата за бубрезите е важна како и грижата за срцето! А храната е дел од превенцијата.
Бубрезите филтрираат 200 литри крв за 24 часа за да произведат приближно 2 литри урина. Тие се основни органи за детоксикација, пречистување на крвта и регулирање на балансот на течностите. Ги пречистуваат отпадните материи, одржуваат здраво ниво на пХ вредноста во крвта, учествуваат во одржување на крвниот притисок и создавањето на црвените крвни зрнца.
Здрави храни и продукти кои имаат големи позитивни ефекти за работата на бубрезите сеː
Боровинки – богат извор на антиоксиданси (антоцианини, флавоноиди феноли, кварцетин, лутеин), противвоспалителни материи кои ги поттикнуваат заштитните сили на организмот. Штитат од инфекции на мочниот меур. Спречуваат бактериите, Е.коли пред сé која е најчест причинител за инфекции на мочниот меур, да се залепат на зидовите на мочниот меур и така полесно се исфрлаат од организмот со урината.
Маслиновото масло е вистински еликсир. Користи за топење на вишокот килограми, ја храни косата и кожата, помага за одржување на сексуалната активност. Содржи линоленска и олеинска киселина. Богат е со витамин А, Е и Д, фосфор и железо. Делува противвоспалително, го намалува лошиот холестерол и го зголемува добриот. Полифенолите во маслото делуваат антиоксидативно и превенираат инфламација.
Плодовите и етеричното масло на кориандерот го стимулираат варењето на храната, благотворно влијаат на крвните садови и имаат противмикробно дејсто. Се користи при болки во стомак, диареа, кашлица, повраќање. Најдобра органска храна за бубрежни болести е кориандерот, ја подобрува функцијата на бубрезите и ја намалува инфламацијата.
Семките од тиква, особено живите семки, богати се со витамини, минерали и антиоксиданси добри за здраво функционирање на бубрезите, го намалуваат ризикот од камен во бубрег. Високото ниво на цинк помага за здрав имун систем и е добар за генито-уринарниот систем.
Јаболките се чудесни антиоксиданси кои ја подобруваат бубрежната функција и го намалуваат ризикот од воспаленија. Заедно со портокалите, богати се со пектин кој влијае да се намали бубрежното оштетување на подолг период. Го намалуваат нивото на холестерол и триглицериди.
Лимоновиот сок заедно со водата помага да се избегне создавање на камен во бубрег. Има алкализирачко дејство на целиот организам.
Лубеницата е богата со вода и има диуретски ефект, помага за намалување на воспалителните процеси во бубрезите. Содржи 92% вода и е еден од најдобрите природни лекови за бубрежни каменчиња. Го зголемува исфрлањето на урината што е важно кога постои ризик од создавање каменчиња. Богата е со калиум кој помага за регулирање на крвниот притисок. Нитрик оксидот и ликопенот се важни за одржување на здрави бубрези. Чај од црните семки на лубеницата го прочистваат мочниот меур и помагаат во ослободување од каменчиња.
Магдоносот е силна лековита билка. Содржи три пати повеќе витамин Ц од портокалите, два пати повеќе железо од спанаќот, повеќе каротин од морковот, повеќе калциум од млекото. Содржи витамин А, Б12, бета каротен, флуор, фолна киселина, витамин К, калциум, железо, фосфор и калиум, манган, хлорофил и есенцијални масни киселини. Фолната киселина обезбедува правилна делба на клетките.
Чајот од магданос е природен диуретик, ги прочистува бубрезите и помага бактериите полесно да се исфрлат. Содржи два вида соединенија особено корисни за здравјето. Етеричните масла инхибираат образување на тумори и се квалифицираат како хемо-заштита затоа што може да неутрализираат некои видови на канцерогени супстанци, како чадот од цигари. Втората компонента се флавоноиди, некои од нив спречуваат оштетување на клетките.
Целерот има природни диуретски својства, помага за отстранување на токсините и штетните материи од организмот, ја зголемува диурезата и го помага здравјето на крвоносниот систем. Сок од целер штити од создавање на камен во бубрег и од инфекции. Допринесува за одржување на нормална концентрација на мочна (урична) киселина.
Лукот делува против воспалително и го намалува нивото на холестерол во организмот, што помага за подобро крвоснабување на бубрезите. Помага бубрезите да се опорават после оштетување – исхемична траума.
Кромидот заедно со лукот ги штити бубрезите од отрови. Го зголемува нивото на антиоксидансите супероксид дисмутаза, глутатион и каталаза.
Зелката одамна се користи како природно средство за третман на бубрежни болести, го подобрува нивното прочистување. Богата е со природни нутриенти, фитохемикалии, витамин Б6, Ц и К, фолна киселина и влакна кои ја помагаат перисталтиката на цревата.