Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Гломерулонефритот (ГН) е инфламација (воспаление) на малите филтри во бубрезите (гломерулите). Гломерулите ги исфрлаат вишокот на течности, електролити и отпадни материи од крвотокот надвор од телото преку урината. Гломерулонефритот може да биде акутен и хроничен, примарен или секундарен (во склоп на друго заболување).
Знаците и симптомите зависат од типот на ГН, од причината за неговото јавувањеː потемна или црвена урина (хематурија), белковини во урината (протеинурија), повисок крвен притисок (хипертензија), намалено мокрење, задршка на течност во телото со отоци на лице, раце, стопала, потколеници, покачена телесна температура, слабост, малаксалост.
Акутниот гломерулонефрит е сет на бубрежни болести кај кои имунолошки механизам предизвикува инфламација и пролиферација на гломеруларното ткиво кое резултира со оштетување на бубрежните структури.
Има ненадеен почеток на хематурија, протеинурија и еритроцитни цилиндри. Често се јавува и пораст на крвниот притисок, отоци и намалена бубрежна функција. Кај повеќето болни акутниот ГН не е животно загрозувачка состојба. Внимание треба да се обрне на болните со белодробно зафаќање, со симптоми од страна на централниот нервен систем, со ацидоза и електролитни пореметувања.
Различни состојби може да предизвикаат ГНː инфекции кои ќе ги зафатат само бубрезит или состојби кои зафаќаат повеќе органи и системи во телото. Понекогаш причината не може да се открие.
До инфламација на гломерулите на бубрезите може да водатː
Пост-стрептококен гломерулонефритː се јавува 7 до 14 дена по грлена инфекција со стрептококи, поретко по кожна инфекција (импетиго). Има прекумерно производство на антитела кои може да се “насадат” на гломерулите и да предизвикаат инфламација. Количеството на урина во тек на 24 часа се намалува, течноста се задржува и се појавуваат отоци, хематурија. Децата почесто развиваат пост-стрептококен гломерулонефрит во однос на возрасните и побрзо се опоравуваат.
Бактериски ендокардитː бактерии кои се шират со крвта може да влезат во срцето и да предизвикаат инфекција на срцевите залистоци. Лицата со срцеви дефекти, оштетени или вештачки залистоци имаат најголем ризик. Асоциран е со гломеруларно заболување.
Вирусни инфекцииː ХИВ, вирусите на хепатит Б и хепатит Ц.
Системски еритематозен лупусː хронично заболување кое зафаќа повеќе органи и системи во телото, кожата, зглобовите, бубрезите, срцето, белите дробови.
Goodpasture синдромː ретко имунолошко заболување кои ги зафаќа бубрезите и белите дробови истовремено. Предизвикува крварење во белите дробови (хеморагија), во бубрезите предизвикува тешки промени.
ИгА нефропатијаː повторувачки епизоди на крв во урината. Резултат е на таложење на имуноглобулин А во гломерулите. Може да прогредира со тек на годините, а болните да се без некои позначајни симптоми или имаат само благо покачување на крвниот притисок.
Полиартеритисː васкулит кој ги зафаќа малите и средните крвни садови во повеќе органи од телото, срцето, бубрезите и цревата.
Wegener ова грануломатозаː васкулит кој ги зафаќа малите и средните крвни садови во горните дишни патишта, белите дробови и бубрезите каде се содаваат грануломи.
Други состојби кои може да ги оштетат гломерулитеː
Висок крвен притисокː ги оштетува бубрезите и нивната функција. Гломерулонефритот може да предизвика висок крвен притисок бидејќи ја намалува бубрежната функција.
Дијабетична бубрежна болестː Дијабетична нефропатија може да се јави кај секого кој има дијабет; потребни се неколку години за да се јави дијабетична нефропатија. Најважни се добра контрола на гликемијата и високиот крвен притисок.
Фокал сегментална гломерулосклерозаː се одликува со раширени оштетувања на гломерулите. Може да е резултат на друга болест или да се јави од непозната причина.
Хроничниот гломерулонефрит некогаш се јавува после настап на акутен ГН. Кај некои болни нема историја за бубрежна болест, така да првата индикација за хроничен гломерулонефрит е хронична бубрежна слабост.
Ретки форми на гломерулонефрит може да се јават во фамилии. Така е Алпорт синдромот кој го зафаќа и слухот и видот.
Гломерулонефритот може да ги оштети бубрезите и тие да ја изгубат својата моќ за филтрирање; се насобира поголемо количество течност, електролити и отпадни материи во телото, се јавува бубрежна слабост.
Компликации:
Акутна бубрежна слабост
Хронична бубрежна болест
Висок крвен притисок
Нефротски синдром
Третманот на гломерулонефритот е различен зависно од основната причина.