Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
* Зошто кај малите деца често се јавува болка во ушите
Една од почестите болести кај доенчиња и мали деца, нарочно во студените месеци, е воспаление на средното уво. Тоа настанува тогаш кога инфекција од носната шуплина продира кон средното уво. Ифекцијата се пренесува преку Евстахиевата труба, канал кој го поврзува увото и ждрелото, а преку кој се регулира пристисокот во средното уво.
Средното уво е шуплина кој се наоѓа зад тапанчето. Во неа се наоѓаат три слушни ковчиња кои ги пренесуваат вибрациите од тапанчето кон внатрешното уво.
Евстахиевата труба кај малите деца е поширока и пократка и е скоро хоризонтална. Ваквата анатомска градба овозможува лесен продор на инфекција од носот кон увото.
Евстахиевата труба и средното уво се обложени со слузница иста како слузницата на носот и другите дишни патишта, па така и најлесна инфекција на носот може да се пренесе кон увото.
* Дали воспалението на средното уво се јавува само кај децата
Акутното воспаление на средното уво спаѓа меѓу почестите болести во детската возраст. Но се јавува и кај возрасни. Најчесто се јавува од 6 месечна до 5 годишна возраст, но можат да бидат зафатени сите старосни групи. Често се јавува како компликација на инфекции на горните дишни патишта, поради слаба проодност на носот и Евстахиевата труба.
Најчести причинители се вирусите, па често на тие инфекции се надоврзува бактериска инфекција. Од бактериите најчести причинители се стрептококус и хемофилус.
* Кои се симптомите на ова воспаление
Доминантен симптом е болка во увото. Може да биде проследено и се покачена темпераутра. Во некои случаи, во зависност од причинителот, може да настане и гнојна инфекција. Кај гнојните воспаленија значително се зголемува притисокот во средното уво и болката уште повеќе се појачува. Поради притисокот тапанчето често може и да пукне (перфорира) Откако ќе пукне тапанчето, содржината од средното уво, која во такви случаи е гнојава, ќе истече во ушниот канал и притисокот ќе се намали со што болката веднаш се ублажува. Во таков случај се јавува и исцедок од увото со непријатен мирис.
Симптомите на воспелението на средното уво често се проследени со симптомите на инфекција на горните дишни патишта, затнат нос, течење на носот, главоболка, кашлица. Кај малите деца воспалението на увото може да се јави и без овие типични симптоми.
Кај децата до 1.5 – 2 годишна возраст, кои не знаат да дефинираат од каде им доаѓа болката, се јавува раздразливост, вознемиреност, плач, вртење на главата или фаќање на ушите.