Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Болести
Најчесто заболување на крајниците е воспалението, т.е тонзилитис (tonsillitis). Тонзилитисот може да биде акутен и хроничен. Се јавува кај сите возрасни групи , но почест е кај децата отколку кај возрасните. Акутниот тонзилитис претставува воспалување најчесто предизвикано од вируси или бактерии. Најчест бактериски причинител е бактеријата наречена streptococcus. Неколку соеви од оваа бактерија предизвикуваат инфекции на крајниците, но најсериозно воспаление предизвикува streptococcus beta haemoliticus.
Симптомите на тонзилитис се слични како тие на грипот, па понекогаш не е лесно да се направи разлика. Симптомите се: болно и отежнато голтање, црвени и отечени тонзили, жолто-бели точки и наслаги на тонзилите, болки во грлото, отечени жлезди на вратот, покачена температура или треска.
При инфекции на носот кај децата често се зголемува третиот крајник или аденоидот. Ако отокот на третиот крајник е постојан може да се јават компликации како што се воспаление на ушите или синусите. Симптоми на зголемен аденоид се: отежнато дишење преку носот, назален говор, шумно дишење, крчење при спиењето. Можни се повремени прекини при дишењето за време на спиењето. Ако се зголемени и аденоидот и тонзилите се јавува и промена на гласот. Тешкотијата при дишењето предизвикува ‘рчење и немирно спиење, што предизвикува поспаност преку ден и проблеми во однесувањето кај децата.
Ако инфекциите на тонзилите станат почести и се повторуваат, може да доведат до хронично воспаление или хроничен тонзилитис.
Ризиците од присуството на хронично заболени крајници и трети крајник се :
1. Чести или постојани инфекции на горните дишни патишта.
2. Создавање на сврзно ткиво во крајниците кое го потиснува активното имунолошко ткиво, со што се намалува одбранбенио капацитет на крајниците.
3. Фокални (жаришни) инфекции на крајниците и секундарни заболувања, пред се на бубрезите и зглобовите.
Хроничната инфекција во тонзилите, а посебно на третиот крајник може да влијае и на блиските анатомски структури како Евстахиевата труба и внатрешноста на увото. Ова може да доведе до зачестени воспаленија на увото, многу често и без болка, и губење на слухот, кои можат да станат и хронични и да предизвикаат трајни оштетувања на слухот доколку не се отиде на лекар правовремено.
Третман
1. Бактериските инфекции на крајницитесе третираат со антибиотици. Најчесто се третираат со антибиотска терапија во период од седум до десет дена. Понекогаш отечените тонзили и аденоидот, после инфекција, можат да се вратат во нормална состојба и без третман.
2. Во посебни ситуации се препорачува и оперативно отстранување на тонзилите и аденоидите.
Кога е неопходно да се оперираат крајниците кај децата?
а. Најчеста причина за операција на крајниците се повторувани инфекции на грлото и покрај терапијата со антибиотици. Таквите повторувани инфекции ако не се соодветно третирани, иако многу ретко, понекогаш можат да предизвикаат компликации на пооддалечени органи, како срцето, зглобовите, бубрезите.
б. Поретка причина е прекумерната големина на крајниците. Ретко се случува палатиналните тонзили да се толку наголемени што можат да му пречат на детето во дишењето. Тоа почесто се случува кога е во прашање третиот крајник. Поради нивната хипертрофијаможе да дојде до проблем со дишењето особено во спиење кога се опуштаат сите мускули. Во тој случај зголемените крајници го редуцираат просторот за дишење. Тоа се манифестира со апнеаодносно клинички синдром кој е познат како „sleep apnea” и има многу негативни последици за развојот на детето. Овакви ситуации се многу ретки. Значи во овој случај крајниците се биолошки здрави, не доаѓа до нивно воспалување, но со нивната големина можат да му направат проблем на детето. Меѓутоа крајниците се отстрануваат поради нивната биолошка несоодветност односно поради нивното воспалување.
в. Уште една причина за операција на крајниците е појавување на лимфни жлезди на вратот кои и покрај терапијата со антибиотици остануваат наголемени.
г. Кај возрасните причина за отстранување на тонзилите, може да биде појава на тумор на тонзилите.
Како се изведува оперативниот зафат?
Тонзилектомија и аденоидектомија се хируршки процедури кои се изведуваат во целосна анестезија. Тонзилите и аденоидот се отстрануваат, а оперативното поле се остава спонтано, природно за зацели.
Операцијата, во најголемиот број здравствени установи, се изведува на класичен начин. Посовремен начина е операција со употреба на ласер или операција користење на високофреквентни радиобранови. Како и при секоја друга операција секогаш постои доза на ризик за време на зафататот и можност за компликации, во прв ред се мисли на крварење.
Што може да се случи после операцијата?
Има неколку пост-оперативни симптоми на кои пациентие често се жалат. Тука се вклучени болка при голтањето, повраќање, покачена температура, болки во грлото и болки во ушите. Понекогаш може да се појави и крварење. Во тој случај хирургот треба веднаш да биде известен.
Неколку дена по операцијата, оперираниот пациент има болки во грлото. Се користи течна храна, сладолед, ладни супи. Состојбата целосно се нормализира по една недела.