Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Варикозни вени се проширени, дилатирани, волуминозни и тортуозни вени кои јасно се гледаат под површината на кожата, најчесто на долните екстремитети. Состојбата е предизвикана од различни фактори, физичка повреда, длабока венска тромбоза или генетски дефекти.
Почесто се јавуваат кај жени поради ефектите на хормоните. Најчести се меѓу 60-70 годишна возраст.
Ризик факториː
– бременост, зголемен е притисок во вените во абдоменот, тоа го зголемува притисокот во вените на нозете
– долго стоење кај некои професии (продавачи)
– предиспозиција за формирање крвни тромби, се ослабува зидот на вената.
– венска инфекција (флебитис)
– нарушен крвен проток во порталната вена или црнодробна цироза.
– фамилијарна историја за варикозни вени
– вроден дефект на вените.
Постоење на ризик фактор не значи дека лицето ќе добие варикозни вени. Ризик факторот значи поголема веројатност да се добие состојбата. Некои од ризик факторите се поважни од другите.
Знаци и симптомиː видливо проширени вени, тешки нозе, замор, интолеранција на вежбање/болка после вежбање, болка долж вената (се подобрува при подигната нога), немирни нозе, жарење, пулсирање, немир, грчеви во тек на ноќ, отечени нозе, непријатно чувство во нозете.
Компликацииː повторувачка инфекција на вените, секундарна инфекција и улцери на кожата која станува потенка, конгестија на нозете поради собирање на крв, чешање и промени на кожата (дерматитис) при долготрајни состојби.
Што ги предизвикува?
Површните вени на нозете имаат залистоци кои ја насочуваат крвта кон подлабоките вени спротивно на гравитацијата. Кога залистоците на површните вени не работат како треба, се пропушта крвта, крвниот проток е во обратна насока спрема гравитацијата. Овој обратен проток го зголемува притисокот и на другите залистоци. Заостанатата крв во вените ги проширува и искривува.
Најчести причини асоцирани со варикозни вениː
– механичка траума, физичка повреда на вената може да го оштети зидот и залистоците на вената
– длабока венска тромбоза
– бременост
– инфекција на вената (тромбофлебитис)
– вроден дефект на факторите на коагулација
– позитивна фамилијарна историја, вродено отсуство или нездрави залистоци на вена.
Конзервативните мерки вклучуваат намалување на тежината, подигање на нозете, избегнување долго стоење (долго седење може да ја влоши состојбата), избегнување тесна облека, компресивни чорапи.