Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Животот на модерното семејство е полн со стресови и тензии и затоа семејните врски се многу важни, да се биде со луѓето кои се секогаш со и за нас. Семејната лојалност е моќна поврзаност и летниот одмор е составен дел од традицијата. Но, овие денови сите се зафатени и тешко се наоѓа време за семејни активности како што се заеднички викенд, вечера или одмор.
Заедничкото време со семејството го развива поблиското разбирање меѓу себе преку јазикот на телото, суптилни гестови и изрази на лицето што не е можно преку телефон, текст пораки или Whatsapp!
Излегување од семејна рутина помага да се види што е и што не е добро со односите дома, што треба да се промени. Ова освежување позитивно влијае на тоа како семејството ќе комуницира на одмор и кога ќе се врати дома.
Најголем дел од конверзацијата меѓу родителите и децата е за секојдневната рутина. Одморот дава можност да се прекине рутината и да се запознаат индивидуални посебности на децата, нивните идеи, да се забележи како растат, како се менуваат и развиваат.
Патувањето со децата е една од најважните работи кои може се направат за семејството. Обезбедува прекрасни моменти за сите, уживање во заедничко дружење, дава чувство на припадност и важност, силно поврзување, создава трајни спомени и нови наставни моменти.
Детето се учи да комуницира со различни типови на луѓе. Средбите со луѓе кои не се познаваат создаваат одлични наставни можности. Родителот му покажува на детето дека различности постојат, дека треба да се истражуваат, а не да се плашат. Децата се учат да бидат со отворен ум за учење, претпазливи но љубопитни. Учат дека луѓето иако не зборуваат ист јазик може да се разберат. Учат нова култура, нови интересни места, различни типови на луѓе и нови важни вредности во животот.
Одморот помага да се сфати што значи дома и да се научи лекцијата дека нема место како дома.
Патувањето со децата им покажува колку се важни за вас, дека сакате одморот да го поминете со нив и да имате нови заеднички искуства.
Предности на семејните одмори сеː
– успешен семеен живот. Заедничките одмори и негување на семејните врски обезбедуваат позитивно искуство за тоа што значи да се биде семејство.
– време за игра, време за поврзување и уживање во дружењето со децата. Играта е клучен дел од детството, учи на трпение, како да се решаваат проблемите, ја поттикнува креативноста, се засилува чувството дека се сакани и ценети.
Возрасните играта ги ослободува од стресот, помага да се развиваат мисловните процеси и најважно, дава чувство на поврзаност со децата.
– градење на спомени. Се смета дека половина од најсреќните спомени се од времето поминато на одмор со родителите. Новото опкружување и забавното време поминато заедно создаваат добри спомени, а позитивните спомени траат подолго од негативните.
– подобрување на здравјето. Одморот со семејството обезбедува повеќе престој на отворено и се поттикнува физичкото и менталното здравје. Врската со природата го подобрува расположението, дава сигурност, го јакне имунитетот. ‘Здравјето на семејството’ има големо влијание на севкупното здравје.
– одржување и јакнење на интерперсоналните врски. Новите технологии дозволуваат семејствата да бидат во контакт и да споделуваат информации, но ништо не може да ги замени лице в лице контактите, јазикот на телото, гестовите и суптилните знаци кои многу кажуваат. Семејните патувања се начин сите да се запознаат подлабоко. Независно колку е едноставен или екстравагантен одморот, чинот на заедничко правење на работите ги јакне семејните врски.