Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Една третина од луѓето во развиените земји јадат еднаш дневно брза храна. Секоја храна која е високо обработена, богата со многу калории и сиромашна со хранливи материи се смета за “junk“, нездрава храна. Нездравата храна богата е со додадени шеќери, сол и сатурирани масти. Сé повеќе се докажува дека нездравата храна може да е зависност, како зависност од алкохол или наркотици.
“Брза храна” брзо се подготвува и брзо се јаде. Иако има и поздрави опции на брза храна, повеќето брза храна се определува како нездрава храна.
Еден брз внес на нездрав оброк носи краткорочни ризици, го зголемува инфламаторниот процес, ги стеснува артериите и го зголемува крвниот притисок.
Брзиот пораст на шеќерот во крвта по оброк на храна богата со рафинирани јаглехидрати и додадени шеќери предизвикува бран на инсулин и брзо паѓање на шеќерот. Ова води до замор, раздразнетост и уште поголема глад.
Неколку дена на нездрава храна го менува метаболизмот. Се намалува способноста на мускулите да ја претворат глукозата во енергија. На подолг период овие промени водат до инсулинска резистенција, тип 2 дијабетес и до лошо варење на храната бидејќи оваа храна не содржи влакна и се јавува констипација.
Долгорочно консумирање нездрава храна носи ризик за дебелина, метаболен синдром, депресија, дигестивни тегоби, срцеви болести, мозочен удар, тип 2 дијабетес, канцер.
Премногу заситени (лоши) масти можат да го покачат нивото на лошиот (LDL) холестеролот и да го зголемат ризикот за срцеви заболувања.
Храна што содржи заситени масти: десерти (торта, сладолед, еурокрем, кекси, крофни, кроасани ), храна со многу кашкавал (пица), пржена и похована храна (чипс, помофрит, пилешки крилца).
Предности на брзата храна
- достапност, брза подготовка во ресторан или дома, брзо се јаде и не е потребен прибор
- вкус, популарноста на брзата храна е во нејзината моќ да го задоволи вкусот, содржи различни адитиви за да обезбеди задоволителен вкус.
Недостатоци на брзата храна – зошто треба да се избегнува
- високо калорична
- богата во шеќери, (транс) масти и сол (го зголемува крвниот притисок, предизвикува надуеност, гасови)
- сиромашна со хранливи материи и влакна, нема баланс на витамини и минерали
- содржи адитиви (monosodium glutamate, MSG)
- може да има особини на зависност
- содржи големо количество нитрати. Најмногу се користат во месната индустија како конзерванси и фиксатори на бојата – штитат од раст на бактерии и од губење на естетските особини. Зголемена е појавата на канцер кај лица кои консумираат многу месо со нитрити.
Моносодиум глутамат е адитив, засилувач на вкус. Се додава на конзервиран зеленчук, супи, преработено месо, кинеска храна. Класифициран е како генерално сигурна прехрамбена состојка, дава вкус на храната но е штетен ако се јаде регуларно. Природно се наоѓа во многу извори на храна, алги, сос од соја, пармезан, домати и мајчино млеко.
МСГ ги активира рецептерите за вкус, информациите се пренесуваат до одредени региони во мозокот предизвикувајќи го тој специфичен вкус.
Колку често можаме да јадаме нездрава, брза храна?
Здрава храна да се јаде колку што е можно почесто (80%) но повремено да се “ужива” во нездрава храна (помалку од 20%).
Еднаш кога ќе се добие “дозвола за јадење забранета храна” таа храна ја губи својата моќ и луѓето може да направат поздрави избори. Ако сакате да консумирате брза храна нека биде тоа еднаш неделно и уживајте. Потоа вратете се на уживање во здравата храна.
Брзата храна енергетски е богата, богата е со сатурирани масти, фруктоза,има висок гликемиски индекс, а сиромашна е со влакна, витамин А, Ц и калциум.
Типичен оброк содржи 1400 калории, 85% од препорачаните дневни масти, 73% од препорачаните сатурирани масти, само 40% од препорачаните влакна. Порциите се големи и често се комбинира со благи газирани пијалоци кои придонесуваат за уште поголем внес на калории.
Метаболниот синдром е збир на состојби кои се јавуваат заедно и го зголемуваат ризикот за срцеви болести, мозочен удар и тип 2 дијабетес. Тоа сеː зголемен крвен притисок, висок шеќер во крвта, високо ниво на холестерол и триглицериди, зголемен обем околу половината (зголемено масно ткиво на стомакот). Ако има три или повеќе од овие состојби се зголемува ризикот од компликации.