Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Гихтот е најраспоространета причина за хроничен воспалителен артритис.
Во античка Грција, болеста била позната ако “подагра” или “стапица за стопала” поради тенденцијата прво да биде зафатен зглобот на палецот.
Во минатото, болеста била позната и како “болест на кралевите” кои, за разлика од обичните луѓе, имале богата исхрана и обилен внес на алкохол.
Гихтот предизвикува болка, оток, црвенило и топлина во зафатениот зглоб. Обично започнува со палецот на стопалото, а потоа може да се прошири на другите зглобови, глуждовите, колената, лактите.
Гихт се развива од насобироци на кристали во облик на игла во и околу зглобот. Кристали се формираат кога постои хиперурикемија, уричната киселин која доаѓа од пурини е над нормалното ниво.
Пурини има во ткивата на телото и во храната. Кога има премногу пурини, премногу се создаваат или се внесуваат или затоа што малку се отстрануваат, уратите се акумулираат во крвта, се формираат кристали кои завршуваат на места со бавен проток на крв, како што се зглобовите.
Првиот напад на гихт е на возраст меѓу 30 и 50 години. Со возраста состојбата може да се влошува. Болеста е почеста кај мажите. Кај жените естрогенот помага да се исфрли вишокот на урична киселина.
Фактори на ризик: обилен внес на брза храна, храна богата со пурини, немање физичка активност, дебелина или метаболен синдром. Болеста е поврзана и со хронична бубрежна болест, псоријаза, рак (мочен меур, простата, бубрези).
Нетретирана болест може да се претвори во хроничен тофичен гихт кој ги уништува зглобовите.
Најдобра е превенцијата, да се намали внесот и производството на пурини и да се зголеми брзината со која уричната киселина го напушта телото. За тоа се потребни промени во животниот стил: редовна физичка активност, одржување здрава тежина, престанок на пушење, ограничен внес на алкохол, хидрација.
Само 5% од луѓето со високо ниво на урична киселина развиваат гихт. Ова сугерира дека има и други фактори, како генетската предиспозиција, кои влијаат на развој на болеста.
Храна богата со пурини:
– месо од внатрешни органи, изнутрици (црн дроб, бубрези)
– морски плодови, сардини, скуша, ракчиња
– црвено месо, месо од дивеч
– алкохол, особено пиво
– пијалоци засладени со шеќер
Некои растителни храни се богати со пурини – леќа, морски зеленчук. Но, пурините од животински извори произведуваат повеќе урична киселина од пурните кои се наоѓаат во растенијата.
Храната која помага при гихт има две важни одлики – ниска содржина на пурини и антиинфламаторно дејство:
– цели зрна житарки (зголемуваат специфични соеви на цревни бактерии кои штитат од гихт)
– чај и кафе (антиинфламаторно дејство)
– семки од цреши, сок од семки од цреши
– борови семки (пињоли) и ореви.
Храна богата со витамин Ц помага во поголемо излачување на урична киселина, што го намалува ризикот од напад на гихт. Витаминот Ц помага и во намалување на оксидативниот стрес и воспалението поврзано со гихт.