Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
-Кои се најчестите болести на крајниците?
Најчесто заболување на крајниците е воспалението, т.е тонзилитис (тонсиллитис). Тонзилитисот може да биде акутен и хроничен. Се јавува кај сите возрасни групи , но почест е кај децата отколку кај возрасните. Акутниот тонзилитис претставува воспалување најчесто предизвикано од вируси или бактерии. Најчест бактериски причинител е бактеријата наречена стрептоцоццус. Неколку соеви од оваа бактерија предизвикуваат инфекции на крајниците, но најсериозно воспаление предизвикува стрептоцоццус бета хаемолитицус.
-Какви симптомите даваат воспалените крајници?
Симптомите на тонзилитис се слични како тие на грипот, па понекогаш не е лесно да се направи разлика. Симптомите се: болно и отежнато голтање, црвени и отечени тонзили, жолто-бели точки и наслаги на тонзилите, болки во грлото, отечени жлезди на вратот, покачена температура или треска.
При инфекции на носот кај децата често се зголемува третиот крајник или аденоидот. Ако отокот на третиот крајник е постојан може да се јават компликации како што се воспаление на ушите или синусите. Симптоми на зголемен аденоид се: отежнато дишење преку носот, назален говор, шумно дишење, крчење при спиењето. Можни се повремени прекини при дишењето за време на спиењето. Ако се зголемени и аденоидот и тонзилите се јавува и промена на гласот. Тешкотијата при дишењето предизвикува ‘рчење и немирно спиење, што предизвикува поспаност преку ден и проблеми во однесувањето кај децата.
-Што значи “хронично воспаление на крајници”?
Ако инфекциите на тонзилите станат почести и се повторуваат, може да доведат до хронично воспаление или хроничен тонзилитис.
Ризиците од присуството на хронично заболени крајници и трети крајник се :
1. Чести или постојани инфекции на горните дишни патишта.
2. Создавање на сврзно ткиво во крајниците кое го потиснува активното имунолошко ткиво, со што се намалува одбранбенио капацитет на крајниците.
3. Фокални (жаришни) инфекции на крајниците и секундарни заболувања, пред се на бубрезите и зглобовите.
Хроничната инфекција во тонзилите, а посебно на третиот крајник може да влијае и на блиските анатомски структури како Евстахиевата труба и внатрешноста на увото. Ова може да доведе до зачестени воспаленија на увото, многу често и без болка, и губење на слухот, кои можат да станат и хронични и да предизвикаат трајни оштетувања на слухот доколку не се отиде на лекар правовремено.