Д-р Ели Андонова, сопственик на ПЗУ „Дорабела естетик“
Стоматологијата денес не е само наука која се занимава со здравјето и функцијата на џвакалниот апарат туку опфаќа и еден поширок спектар на услуги, се повеќе насочувајќи се кон естетиката како многу значаен сегмент од современата стоматологија. Покрај огромното значење една индивидуа да поседува здраво и санирано забало, се повеќе се алудира и на неговата естетика ( обликот, позиција и бојата на забите).
Естетската стоматологија е гранка која се занимава со реставрација на функцијата при тоа алудирајќи на формата, големината и бојата на забите, или едноставно може да подразбира само естетско разубавување на веќе целосно функционално забало. Денес особено актуелна и барана интервенција е белеењето на забите. Постојат поделени мислења околу оправданоста на оваа интервенција од аспект на тоа дали и колку е штетна за забното ткиво, но факт е дека е една од најбараните интервенции.
Белеењето на заби е процедура која може да се изведе во стоматолошка ординација или во домашни услови со средства кои се обезбедени од вашиот стоматолог. Процедурата во основа е хемиска со чија помош се постигнува добивање на побело и сјајно забало. Обелувањето може да биде и до 4, 5 нијанси во зависност од стартната боја која ја имаме и самата коска. Обелувањето е индивидуално, ефектите се веднаш видливи (при белеење во ординација) што е една од причините за бараноста и актуелноста на оваа интервенција.
Бидејќи станува збор за хемиска процедура, тоа во основа значи дека е инвазивна техника. Бојата на забите потекнува од дентинот (вториот слој од кој е изграден забот) кој се наоѓа под самата глеѓ (или емајл надворешниот слој). Затоа за да се постигне ефектот на обелување се врши во основа хемиско нагризување на глеѓта за да се стигне до дентинската структура, каде и се врши ефектот на обелување.
Со внимателно дозирање, испитување на индивидуалната осетливост на забите на пациентот и особено пост интервентната грижа на забното ткиво, која се состои од апликација на пасти кои во својот состав содржат Ца и Ф , оштетувањето е сведено на минимум, а регенерацијата овозможена. Забите со помош на пастата создаваат заштитен фил од калциум флуорид од каде забот воедно се рехидрира и потхранува. Средствата кои се употребуваат за оваа цел во својот состав содржат хидроген или карбамид пероксид со различна концентрација.
Ефектите кои се постигнуваат се строго индивидуални. Преголеми ветувања и очекувања треба да се избегнат. Можна е осетливост на забите во првите 24 часа. За таа цел се нагласува да се избегнуваат температурни разлики топло/ладно и се аолицира заштитен гел кој ќе го похрани забот. По белеењето, 2 недели се избегнува конзумирање обоени пијалоци (црвено вино, кафе, ликери, обоени сокови), цигари и храна која содржи пигменти, цвекло, морков, спанаќ…
Секогаш треба да се напомене дека пломбите, ако се присутни, како и старите изработки (корнки и мостови) нема да ја променат својата боја и ќе биде потребно нивно заменување по белеењето. Кога работата е целосна и темелно сработена, само тогаш е од огромен бенефит за пациентот и лична сатисфакција на докторот.
Белеењето на заби кај пациенти со силно чуствителни заби, парадонтални заболувања, кај тешки зависници од никотин, пациенти алергични на пероксид, бремени жени, жени во лактација и пациенти со нереални очекувања се апсолутна контраиндикација за оваа процедура.
Денешното живеење наметнува еден тренд на живот каде особено се алудира на убавиот изглед и ететиката. Самодовербата на луѓето се зголемува со поседување на бела и сјајна насмевка, а секако и самата појава на личноста. Грижата за сопственото орално здравје е култура на живеење, иако темелните вредности неминовно ги носиме во нас, надворешноста е карта за подобро социјализирање, функционирање, но и себедоживување.