Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Луѓето имаат внатрешен систем за рамнотежа на создавање и губење на топлина, за одржување постојана температура околу 36.6Ц со цел системите во телото да функционираат соодветно. Хипоталамусот во мозокот функционира како термостат, комуницира со сензорите за топлина во кожата, мускулите и р′бетниот мозок.
Потењето е природен систем за ладење. Способноста да се потиме нé одржува ладни. Кога потта испарува во воздухот со неа оди и топлината и така се ладиме.
Ран одговор на топлина: зголемена работа на срцето, повеќе крв се пумпа во крвните садови на кожата за да се ослободи повеќе топлина. Другите делови од телото не добиваат доволно крв, крвниот притисок се намалува, водата и солта се губат преку кожата и предизвикуваат електролитни промени. Се јавува дехидрација, умор, слабост, вртоглавица, гадење, несвестица.
Ако опасната изложеност на топлина продолжи и внатрешната температура продолжи да расте, нервите престануваат да комуницираат меѓу себе, протеините го губат обликот, клетките се распаѓаат. Ова вклучува аларм и се ослободуваат “протеини на топлотен шок” кои заедно со изгубениот проток на крв водат до смрт на клетките во мозок, срце, мускули и бубрези.
Овој процес е топлотен удар, се топиме одвнатре. Во одредена точка оваа каскада не може да се врати назад. Не може да ја контролираме телесната температура која оди над 40 степени. Кожата е топла и сува, пулсот е забрзан, се јавува гадење, главоболка, конфузност, дезориентираност, грчеви, кома. Ако не се интервенира состојбата може да е животно загрозувачка.
Топлинската исцрпеност оди со умор, слабост, лесна главоболка, нагон за повраќање, бледило, зашеметеност, телесната температура оди над 37.7 Ц степени.
Дехидрација – со потта се губи премногу течност и минерали (натриум, калиум). Се јавува жед, устата и јазикот се суви, се намалува урината, помалку крв стигнува во мозокот (зашеметеност, вртоглавица, збунетост, губиток на свест).
Аклиматизација е процес кога потењето почнува да работи подобро при постепено навикнување на потопла средина. Во тек на неколку дена или недели, потните жлжезди почнуваат да создаваат пот на пониски температури. Особа која која не е навикната на топлина може да произведе само еден литар пот на час, лица кои се
аклиматизирани може да произведат 2-3 литри секој час, што дозволува испарувањето да елиминира повеќе од два пати топлина.
Дури и со аклиматизација потои ограничување колку нашите тела може да се прилагодат на топлина. Кога влажноста е над 75% во воздухот има толку многу влага и губењето топлина со испарување повеќе не се јавува.
Најранливи се бремени жени, мали деца, адолесценти кои спортуваат на отворено, работници пролонгирано изложени на напор на отворено, лица со хронични здравствени и ментални состојби, постари кои имаат послаб механизам за потење .
Мерки на претпазливост – внес на многу вода независно од чувството на жед, избегнување на кафе и алкохол, почеси помали оброци лесна храна, лесна лабава памучна облека која абсорбира, престој под сенка или во затверана климатизирана просторија, избегнување тешка физичка работа, да не се остава дете или милениче само во кола.