Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Дали има вистина во теоријата дека пХ вредноста на храната влијае на пХ на крвта и на подложноста на болести? Дали алкалната исхрана е здрав избор на исхрана?
Желудникот има кисела средина со пХ 1.5-3.5. Хлороводородна киселина се лачи за да се вари храната, да се активираат ензимите и да се разградат протеините на аминокиселини. Одржувањето на стомачните киселини помага да се заштитиме од патогени микроорганизми во дигестивниот систем.
Крвта е алкална со пХ 7.37-7.45. Респираторниот систем и бубрезите ја контролираат киселинско базната рамнотежа на телото. Одржувањето на оваа рамнотежа е важно за функционирање на основните системи во телото.
Исхраната во западните, индустријализирани општества содржи малку растителни влакна, промовира кисела средина во телото и го зголемува ризикот од хронични болести.
Според алкалната диета она што се јаде може да го промени нивото на пХ на крвта и да спречи болести како што се рак и остеопороза, истовремено обезбедувајќи повеќе енергија. Кога станува збор за ракот, теоријата е дека клетките на ракот напредуваат во кисела средина.
Алкализирачки ефект има храната која кога се метаблизира остава алкален “остаток” во телото. Таа храна треба да е 75-80% од исхраната, а киселата да е 20-25%.
Алкалната храна вклучува многу (не сите) зеленчуци и некои овошја, мешунки, цели зрна, јадки, семки, билки и зачини, ладно цедено масло. Неутрална и ниско-кисела храна е во ред да се внесува, повеќето се овошја. Високата алкална храна има зелена боја, тоа се лиснат зеленчук, зелен зеленчук и никулци.
Храна која има кисел ефект и треба да се избегнува се месо, живина, млечни производи, јајца, леб, слатки, преработена, конзервирана, брза храна, алкохол.
Препораката е да се јаде повеќе растителна храна и да се елиминира повеќе храна од животинско потекло и преработена храна.
Јадењето повеќе овошје и зеленчук значи дека се внесуваат многу влакна, витамини, минерали, антиоксиданси. Изборот на цела храна наместо брза и преработена го подобрува односот натриум-калиум, го намалува губитокот на мускулната и коскената маса, поволно влијае на крвниот притисок. Алкалната исхрана е претежно растителна и може да е здрав избор за многу луѓе.
Телото има нормална пХ 7.35-7.45 што е малку на алкалната страна. За време на нормалните метаболни процеси континуирано се произведуваат киселини; има механизми кои нормално го ослободуваат телото ако има повеќе киселини.
Исхраната може да ја промени пХ вредноста на плунката или урината, но практично е невозможно да се влијае на пХ на крвта со тоа што го јадеме. Единствените случаи кога пХ на крвта е засегната е при нарушување на кисело-базната рамнотежа, при бубрежна слабост или дијабетеична кетоацидоза, медицински состојби кои не се резултат на недоволно внесување на алкална храна.
Има малку докази за поддршка на тврдењето дека алкалната диета влијае на пХ на крвта и штити од хронични болести зашто релативната алкалност на храната што се јаде генерално не влијае на алкалноста или киселоста на крвта. Нема вистински истражувања кои би ги поддржале или негирале овие идеи.
Целата растителна храна обезбедува моќни антиоксиданси, влакна, фитохемикалии кои промовираат здравје.
Алкалната диета е популарна но веројатно нејзините придобивки доаѓаат со внесот на цела, растителна храна која не содржи додадени шеќери, нема производи од животинскио потекло ниту преработена храна.