Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Алергија е несоодветен и невообичаен, изменет одговор на нашиот имунолошки систем на различни причинители од околината. Се манифестира како реакција на преосетливост на надворешни причинители кои се нарекуваат антигени или алергени. Симптомите на алергија можат да бидат општи (системски) или локализирани на орган или органски систем преку кој што алергенот е навлезен во телото (лигавица, кожа, органи за варење, дишни органи). Симптомите на алергиската реакција се разликуваат во брзинта на настанувањето и интензитетот. Понекогаш симптомите се развиваат толку брзо што можат да го загрозат животот (анафилактичен шок).
-Што е сензибилизација?
За да се развие и да се манифестира алергиска реакција, потребен е одреден временски период за кој во организамот се развива преосетливост на некој надворешен причинител (алерген). За тоа време се создаваат антитела во организмот кои се стремат да го уништат алергенот. Таа изложеност на алергенот и периодот на создавање на антитела се нарекува сензибилизација.
-Дали алергијата е наследна?
Се наследува сколноста кон алергија, тнр. атописка конституција. Но наследената сколоност кон алергија не значи дека секако ќе се развие алергија. Обично за да започне алергиска болест важно е влијанието на надворешната средина, т.е долготрајна изложеност на алерген. Многу поголема е веројатноста за развивање алергиска реакција ако и двата родитела имаат алергија.
-Што се антиген и антитело?
Антиген е секоја материја која организмот ќе ја препознае како туѓа и потенцијално штетна. Против таа материја се создаваат антитела. Антитела се создаваат не само против алергени туку и против вируси, бактерии и сл. Кај алергиската болест антигените се нарекуваат алергени.
-Колку е честа алергијата?
Алергиските реакции се многу чести. Скоро секој во тек на животот има развиено некаква алергиска реакција. Почеста е кај помладите, во поразвиените земји. Алергија имаат 5-10% од светската популација.
-Што предизивикува алергија?
Скоро секоја материја од природата може да предизвика алергиска реакција. Најчести алергени се оние кои потекнуваат од фекалните материи што ги ослободуваат микрокрлежите или дерматофагоиди, влакна или кожа од домашни животни, полен, храна (кикирики, јагоди, млеко), лекови, конзерванси, додатоци на храна и пијалок, мувла, инсектициди , отрови од инсекти и друго. Некои од овие алергени се многу почести предизвикувачи, како на пример полен или домашна прашина.
-Какви видови алергија има?
Најчеста е алергиска болест на дишните патишта (алергиски риинитис, астма); алергиски конјуктивитис; алергиски болести на кожата (уртикарија, атописки дерматитис, контактен дерматитис); алергија на органите за варење; потоа алергиска реакција на лекови; алергиска реакција на убоди од инсекти. Понекогаш некои од овие болести се јавуваат заедно, или една алергиска реакција и претходи на друга.