Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Алергискиот ринитис претставува глобален здравствен проблем и е една од најчестите причини за посета на лекар. Клиничката слика може да биде различна и да варира, а современиот пристап кон овој проблем се темели на мерките на превенција и примена на ефикасна противвоспалителна терапија.
Клиничка слика
Алергискиот ринитис е болест кај која јачината на симптомите варира од година во година, понекогаш независно од концентрацијата на полен во воздухот.
Симптомите на алергискиот ринитис се слични на симптомите на настинка. Тука се пред се: зачестено кивање, затнат нос, течење на воденикаст секрет од носот или слевање на секретот во грлото, чешање и црвенило на носот и очите, печење и солзење на очите, надразнителна кашлица и гребење во грлото. Постоење на два или повеќе од овие наведени симптоми, кои траат подолго од еден час во тек на денот, веќе будат сомнение за постоење на алергискиот ринитис. Очните симптоми се јавуваат кај 40-70% од пациентите. Овие симптоми се јавуваат поради постоење на нервен рефлекс кој ја поврзува носната лигавица и конјунктивата на окото, како и поради директниот контакт на окото со алергените. Очните симптоми се поизразени со пациентите со сезонски ринитис.
Алергискиот ринитис ја намалува концентрацијата, предизвикува главоболка, вознемиреност и замор, влијае на работната способност, што доведува до отсуство од работа или училиште. Споменатите симптоми можат да бидат поблаги и да не сметаат на секојдневните активности. Но симптомите можат да бидат и умерено тешки или потешки при што веќе се нарушува квалитетот на животот (негативно влијание на спиењето и одморот, симптомите го отежнуваат учењето или продуктивноста на работното место, а и трошоците на лекувањето се високи).
Понатаму, алергискиот ринитис е болест кај која јачината на симптомите варира од година во година од засега необјаснети причини, понекогаш независно од концентрацијата на полен во воздухот. Често е комбиниран и со други заболувања како воспаление на синусите, увото или создавање на полипи во носот.
Видови на алергиски ринитис
Алергискиот ринитс може да се подели на:
Повремен или интермитентен алергиски ринитис кај кој симптмите се јавуваат поретко од 4 дена во неделата и помалку од 4 недели годишно. Поврзан е со надворешни алергени како полен од треви, дрвја и плевел.
Постојан или перзистентен алергиски ринитис кај кој симптомите траат повеќе од 4 дена неделно и повеќе од 4 недели годишно. Најчесто е предизвикан од домашни алергени како грињи (дерматофагоиди), прашина, мувли, влакна од домашни животни. Најчесто поизразен е во зимните месеци.
Алергискиот ринитис може да се подели и на:
- лесен
- умерен или тежок
Оваа поделба е направена врз основа на тежината на симптомите поврзани со пореметувањето на секојдневната активност и емоциите на псциентите(пречки во спиењето, пречки во секојдневните активности, пречки во функционирањето на работа или училиште)
Алергискиот ринитис може да се подели и спрема видот на симптомите.
- Со кивање – кивање во серии, од носот сегаш тече воденкаст секрет, често е чешањето во носот, поретка е затнатост на носот. Тегобите се посилно изразени при будење и малку се подобруваат во тек на денот, а повторно се влошуваат навечер. Симптомите се често поврзани со солзење, чешање и црвенило на очите.
- Со затнување – носот најчесто е силно затнат. Кивањето е ретко или воопшто го нема, носот ретко тече, но често е слевање на секрет назад, кон грлото и се манифестира со често поткашлување. Нема чешање на носот. Симтомите се присутни во тек на цел ден, а се потенцираат навечер. Ретки се симптоми од очите.
Дијагноза
Алергискиот ринитис не е тешко да се дијагностицира, со обзир на тоа дека симптомите се сепцифични и видливи. Меѓутоа многу потешко е да се дијагностицира точниот алерген кој ја предизвикува алергиската реакција. Дијагнозата најчесто се утврдува со физички преглед и лабораториски анализи. Прегледот се состои во преглед на носот и грлото, најчесто кај оториноларинголог. Лабораториските испитувања се состојат во анализа на вкупните и специфичните антитела. Се прави и алерготест. Тестот се прави на десетина најчести алергени и е директен доказ за алергиска реакција.