Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Акутната глувост претставува изненадно губење на слухот и настанување на глувост кај пациенти кои до тогаш никогаш немале проблем со слухот.
Причина
Точната причина за настанувањето на акутно губење на слухот не е позната. Се претпоставува дека настанува пореметување во микроциркулацијата на внатрешното уво, поточно кохлеарниот дел (делот за слух). Во многу ретки случаи ваквото оштетување може да го предизвика акутна инфекција на дишните патишта.
Клиничка слика
Болеста најчесто се појавува на едно уво. Пациентот одеднаш добива чувство дека не слуша. Се појавува чувство на притисок во увото, изразено зуење и тешко оштетување на слухот. Кај пациентите нема никакви други симптоми како на пример пореметување на рамнотежата, нема офталмолошки или невролошки симптоми.
Дијагноза
Дијагнозата се поставува врз основа на анамнеза и клиничка слика. Потребен е специјалистички, аудиолошки преглед. Дополнително треба да се направат и невролошки испитувања.
Лекување
Нема специфична терапија за третирање на акутната глувост. Најважно е да се реагира во тек на првите 24 часа од појавувањето на акутната глувост! Пациентот треба веднаш да се јави кај својот лекар, кој веднаш треба да го упати кај оториноларинголог!
Доколку веднаш се почне со третман постојат некакви шанси за ублажување на симптомите, а некогаш и значително подобрување на слухот.
Во терапија се користат кортикостероиди, оксигенирање во хипербарична комора, инфузии со вазодилататори и нискомолекуларен декстран.