Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Акутниот пиелонефритис (АПН) е потенцијалне животно загрозувачка инфекција која може да води до бубрежно оштетување и е една од најчестите болести на бубрезите.
Акутниот пиелонеритис е компликација, резултат на бактериска инвазија на бубрежниот паренхим. Бактериите стигнуваат во бубрегот најчесто по асцендентен пат од долните делови на уринарниот тракт. Бактериите можат да дојдат до бубрегот и со крвната струја, хематогено, најчесто при уретерална обструкција или кај имунокомпромитирани и изнемоштени пациенти.
АПН е ненадејна и тешка инфекција на бубрегот. Предизвикува едем, оток на бубрезите и може трајно да ги оштети. АПН може да е животно загрозувачки.
АПН може да биде некомплициран и комплициран.
Комплициран ПН вклучува бремени жени, лица со неконтролиран дијабетес, со бубрежна трансплнтација, со анатомски аномалии на уринарниот тракт, со акутна или хронична бубрежна слабост, со болнички добиена инфекција, имунокомпромитирани пациенти.
Ако нападите на АПН се повторуваат или е перзистентен ПН води до хроничен пиелонефртис. Хронината форма е поретка.
Симптомите вообичаено се јавуваат како тријада од треска, болка во грбот и гадење/повраќање, во рок од неколку часа до два дена од инфекцијата. Најчести сеː
– температура над 38-38,5 ст.
– треска, влажна кожа
– болка во стонак, слабини, грб, препони
– болно и често мокрење, жарење, печење при мокрење
– матна урина
– крв или гној во урината
– непријатен мирис на риба на урината
– гадење, нагон за повраќање, повраќање
– малаксалост, слабост
– ментална конфузија кај постарите (може да е единствен симптом).
Инфекцијата вообичаено почнува во долниот уринарен тракт, во уровезика. Бактериите преку уретрата доаѓаат во уровезика каде се размножуваат. Од таму бактериите преку уретерите патуваат во бубрезите.
Главен причинител се грам-негативните бактерии, најесто бактеријата Е.коли. Поретко причинител се Протеус, Клебсиела, Псеудомонас, Ентерококус. Кај повеќето пациенти инфективниот организам доаѓа од нивната фекална флора.
Ризик фактори сеː
Проблем во нормалниот истек на урината е најголем ризик фактор.
Уретрата кај жените е пократка и поширока и бактериите полесно влегуваат во телото.
Постење на каменчиња во бубрезите
Постари лица
Лица со намален имунитет (диабетес, канцер, ХИВ/СИДА)
Везикоуретерален рефлукс (вродена состојба кога мала количина на урина се враќа од бешиката во бубрезите)
Зголемена простата, некомплетно празнење и заостанување на урина во бешика
Уринарен катетер
Цистископско иследување
Оштетување на нервите или рбетен мозок.
Дијагнозата се поставува на основа на анализа на урина и крв, уринокултура, ултрасонографија.
Компликацииː
– ренален или перинеритичен абсцес
– сепса
– пипиларна некроза
– акутна бубрежна слабост
– тромбоза на ренална вена
Третманот е со антибиотици, хидрирање, лекови за болка и температура, понекогаш е потребна хоспитализација.