Зоран Михајлов
Тенисот во Македонија со брзи чекори почна да веднаш по Втората светска војна. Во периодот по 1945 година, на ниво на поранешна Југославија, имаше акција преку Сојузот на спортовите да се унапредува спортот во сите региони. Така, во рамките од тој проект во Скопје беше испратен Никола Самолов, кој со својот син Душко, требаше да ги постави основите и да го развива тенискиот спорт. Никола во тој период беше еден од најдобрите тенисери, потоа и тренери на балканските простори, па затоа неговото доаѓање во Скопје беше од огромно значење за македонскиот тениски спорт. Тој уште на почетокот околу себе собра една група момчиња, кои со тек на времето се развиваа и го подигнуваа својот квалитет, така што набрзо Македонија почна да доживува афирмација и во „белиот“ спорт.
Еден од плејадата млади тенисери, кој веднаш го сврте вниманието кон себе, беше Васе Апостолов. Тој претходно играше пинг-понг, па така имаше чувство за рекетот и само по неколкумесечно тренирање стана пионерски првак на Македонија.
-Тоа се случи во 1955 година. Првенството се играше на двата терена на ТК Југ. Тогаш само тие беа во Скопје и тука беше сконцентрирано се што се однесуваше до тенисот. Затоа, сите што се занимававме со овој спорт добро се познававме и постојано бевме на терените. Го користевме секој миг за тренинг. Јас спарингував со моите клупски другари, па така низ тренинзите не само што се надградував, туку ги откривав и нивните добри и слаби страни. Токму тоа ми помогна на почетокот од кариерата да го постигнам првиот успех и да станам пионерски првак на Македонија. Тоа за мене беше голем поттик и стимул да продолжам со уште поголем ентузијазам – раскажува Апостолов.
ТАЛЕНТИРАНА И НАДЕЖНА ГЕНЕРАЦИЈА
Низ разговорот Васе Апостолов не потсети на групата талентирани тенисери, кои доминираа на првенствата на Македонија,а некои постигнуваа добри резултати и на сојузно ниво.
-Мора да кажам дека покрај нас имаше одлични играчи и во Тетово, честопати и тетовчани стигнуваа до републичките титули. Ова можеби малкумина го знаат, но навистина така беше. И градот под Шара беше тениски центар. Таму најистакнати поединци беа Спасеновски и Теофиловски. Токму овој вториот, кој беше првак на Македонија, кога јас имав 15 години, значи по тригодишно бавење со тенис го совладав и тоа одекна како голема сензација. Инаку, во Скопје егзистираше една квалитетна група тенисери на чие чело беше највозрасниот Милутин Ѓуровски, кој пак целиот живот дури и во старите години не се одделуваше од рекетот. Тој беше човек кој не обединуваше и многу ни помагаше. Од него, се разбира покрај таткото и синот Самолови, најмногу научивме.
Од 30-ината момчиња кои беа редовни на тренинзите, кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години, по својот квалитет, покрај Апостолов, најмногу отскокнуваа Штериев, Панов, Јанчулев, Михајлов, Д.Јовановски, Поповски. Мечевите меѓу нив секогаш беа неизвесни и предизвикуваа големо интересирање. Се случуваше на финалните натпревари од шампионатите на Македонија да има и по 3.000 гледачи!
-Голема улога за мојот напредок имаше и еден од најдобрите тенисери во поранешна Југославија, Јосип Палада. Тој, откако ја заврши кариерата во 1956 година, работеше како тренер и селектор на југословенската репрезентација. Така, по налог на ТСЈ дојде и во Скопје да поработи со нас и едноставно да види со каков тениски квалитет располага Македонија. Палада, кој меѓу другото во 1938 година беше полуфиналист на Ролан Гарос, најмногу работеше со мене. Од него за тие 30-тина дена, колку што претстојуваше кај нас, научив многу. Особено напредував во технички поглед и од тој аспект можам да кажам дека бев еден од најдобрите во мојата возрасна категорија во Југославија. Тоа најубаво се виде и на Европското првенство за пионери на кое се пласирав на третото место. Тоа беше супер резултат за мене, кој уште повеќе ме „загреа“ за тенисот кој веќе беше составен дел во мојот живот. Набрзо се најдов и во репрезентацијата, која настапуваше во Галеа купот, и бев во тренинг-кампот во Сплит заедно со Франуловиќ, кој направи една извонредна кариера, потоа Минчек, Штолцер и другите југословенски тениски надежи – вели Апостолов.
МАРАТОНСКИ МЕЧ СО ШТОЛЦЕР
Васе Апостолов беше познат како добар техничар, но и многу издржлив тенисер. Впрочем и податокот дека тој заедно со Штолцер го одиграа најдолгиот меч во поранешна Југославија, најдобро говори за неговата издржливост.
-Дуелот беше во рамките од младинскиот шампионат на Југославија што се одржуваше во Марибор. Јас и Штолцер стартувавме како први на главниот терен точно во 8 часот, а исцрпувачкиот меч го завршивме по пет маратонски сетови во 15 часот. Цели 7 часови бевме на теренот. И јас и тој имавме повремени кризи, па баравме тајм-аут да се освежиме и малку да се одмориме. Тој мариборски ден никогаш нема да го заборавам. И подоцна кога ќе се сретнев со Штолцер, секогаш се сеќававме на тој тениски маратон, кој остана запишан во југословенската тениска историја како меч кој најдолго траел.
Ова е еден момент од долгата кариера на Апостолов. Тој на тенискиот терен имаше уште многу тешки и неизвесни мечеви.
-Во Македонија најтешко излегував на крај со Штериев и со Сашо Панов. Првиот беше физички одлично поткован и имаше силен сервис, а вториот беше голем техничар, но и тактичар кој знаеше мајсторски да ја води играта. Против двајцата, нормално покрај поразите, имав и две значајни победи и тоа во финалните натпревари од сениорските шампионати на Македонија.
Што се однесува до сениорските титули во Македонија, Апостолов ги има четири. Покрај тоа беше пионерски првак во првите години кога почна да игра тенис, а потоа освои и три титули во младинска конкуренција.
ВО ТЕШКИ УСЛОВИ ОСВОЕНИ ДВЕ ТИТУЛИ
Катастрофалниот земјотрес во Скопје од 26 јули 1963 година негативно се одрази, што беше и нормално по една таква трагедија, во сите области од животот. На почетокот, додека горе-долу не се стабилизира состојбата замреа активностите во сите спортови, па и во тенисот.
-Тоа беше најтешкиот период за сите скопјани, па и за нас тенисерите на Југ. Прекинавме со тренинзите и не знаевме кога повторно и дали воопшто ќе се вратиме на теренот, зашто во санирањето на последиците од земјотресот имаше други многу поприоритетни работи. Но, некако со помош на целата заедница – не само југословенска, туку и светска, полека работите се враќаа на колосек, па така беше и со тенисот. Се уште под депресија за да покажеме дека надежите не се загубени, се вративме на терените и тенисот породолжи да живее. Иако сето тоа беше во скромни услови, сепак не се предадовме. Во 1964 година го одржавме и првенството на кое триумфирав, а победив и на следниот сениорски шампионат во 1965 година. Состојбите во Скопје се нормализираа и сите спортски клубови, меѓу кои и ТК Југ, продолжија со своите активности.
-Во 1966 година на позив на Душко Самолов заминав за Германија. Таму играв речиси професионално за ТК Емерих, а потоа и во клубовите од Дуизбург, Дизелдорф и други градови. Настапував во сите рангови на натпревари, најнапред во Бундес лигата, а потоа и во Регионалните лиги. Тоа беше нормално, зашто годините се множеа и се потешко излегував на крај со помладите.
Потоа, Апостолов се враќа во Македонија, но не ја заборава Германија и често оди таму кај старите тениски пријатели. Во меѓувреме завршува Електро-технички факултет, а една година мина и во тогашната ЈНА.
-Тенисот беше моја животна преокупација, но морав да мислам и за иднината, па затоа загризав и го завршив факултетот. Единствено војската малку го попречи мојот тениски од, па ми требаше еден подолг период да се вратам во форма и да заиграм како во старите времиња. Во 1974 година, кога веќе имав 31 година, го одиграв можеби најтешкото финале на шампионатите на Македонија. Противник ми беше еден од најголемите наши таленти и најдобри македонски тенисери Тошко Николовски, кој беше помлад 10 години од мене. Го почнав мечот тактички многу добро. Мојата техника дојде до полн израз и поведов со 2:0. Тошко пак беше физички одлично подготвен што би се рекло полн со енергија. Тој наметна една брза игра, која не можев да ја следам и дојде до израмнување – 2:2. Во петтиот сет почнав да го „шетам“ лево-десно по теренот, што беше моја специјалност и го освоив првиот гем, за потоа да освојам уште четири едноподруго и да поведам со 5:0 во гемови. Сите во мене, а ги имаше околу 2.000 гледачи, веќе го гледаа старо-новиот шампион. Но, немав сили за завршницата и доживеав вистинска спортска трагедија. Почнав да губам поени и -замислете,Николовски освојува 7 гемови едноподруго и го добива решавачкиот сет со 7:5, а мечот со 3:2! Нема сомнение тоа финале ќе се памети како нешто уникатно.
Потоа, покрај оние чести одења во Германија и тоа на по пет месеци секоја година, а кога беше дома тој наоѓаше време повторно да заигра на терените на ТК Југ, за конечно во 1982 година да стане и негов претседател. Функцијата ја иозвршуваше до 1986 година, кога претседател станува Јовица Лазовски, исто така неколкукратен сениорски првак на Македонија. Потоа, како што вели Апостолов дојдоа некои „нови“ луѓе во Федерацијата, кои заборавија на нас старите шампиони!
Лична карта-Васе Апостолов
Роден 1943 година во Скопје
Почина 2019
Кариера: ТК Југ и клубови во Германија
Успеси: Трет пионер во Европа, 4 пати сениорски и 3 пати младински првак на Македонија, Галеа-куп (младинци) репрезентативец на Југославија, 4 место во екипна конкуренција во Југославија 1972 година со ТК Југ