Зоран Михајлов
Фудбалскиот клуб Вардар беше синоним на македонскиот фудбал и на спортот воопшто, во годините кога требаше да се бориме и да го докажуваме нашиот идентитет како Македонци. И ова што се случува сега со Грција, околу името на нашата држава, влече корени и во спортот и тоа од многу поодамна. Се сеќавам на пример, Вардар не можеше во еден период да закаже пријателска средба со некој грчки клуб, а не можеше и да помисли да оди, на пример, таму на подготовки. Истото ова се однесуваше и за клубовите од нашиот јужен сосед кои едноставно не можеа да добијат дозвола од властите за некаква соработка со Вардар или пак кој и да е друг клуб од нашата држава.
сепак, судбината сакаше Вардар, во Балканскиот куп во 1967 година за противник, меѓу другите да го има и атински АЕК, во кој 20-тина години подоцна заигра и еден македонски фубалер и тоа мошне успешно – Тони Савевски. Не ја спомнав судбината онака случајно, туку имаше причина за тоа. Имено, по средбата со АЕК во Атина која заврши со победа на домаќините од 1-0, утредента вардаровата експедиција беше сведок на историскиот настан за Грција, паѓањето на кралот и доаѓањето на чело на државата на воената хунта. Тие моменти, минати во престолнината на Грција, а потоа и по патот не беа нималку пријатни. Улиците беа празни, ние не знаевме што всушност се случува до моментот , додека рецепционерот не ни кажа дека се работи за државен удар и ни препорача да не излегуиваме надвор, туку да причекаме во хотелот додека ситуацијата малку се смири. По улиците пак мобилно-воена состојба : тенковите се упатуваа кон Синтагма и кралскиот дворец. На членовите на кралското семејство им беше овозможено под силна полициска приудружба да стигнат до аеродромот, оној стариот до Глифада и оттука да замине во егзил. Ете,случајот сакаше токму фудбалерите на Вардар, новинарите што го придружуваа и десетината навивачи да бидат сведоци на паѓањето на грчкиот монарх и доаѓањето на власт на генералите, за подоцна и тие да паднат и да дојдат новите демократски структури, од кои иако демократски ние Македонците не видовме многу аир. Но, тоа е друго прашање- повеќе за политичарите, а јас ќе се вратам повторно на неизвесниот вардаров претстој во Атина. Поради новонастаната ситуација не се знаеше кога ќе биде враќањето дома. Одговор на ова прашање никој жив не можеше да даде со оглед на ситуацијата и компликациите што ги донесе таа. Но, откако по улиците забележавме раздвижувње, а бучавата што ја предизвикуваа тенковите и другите воени возила стивна, полека почна да се враќа во нормала животот во Атина . Еден претставник на АЕК, собра сили и покрај опасностите што демнееја на улиите, дојде во хотелот. По неколку часови откако дојде до смирување на ситуацијата-по телефонскиот разговор со претстедателот на клубот, тој ни ја пренесе информацијата дека може да се подготвиме за враќање.Одвај го дочекавме моментот кога нашиот автобус замина од пред хотелот, се разбира до излезот од градот со полициска придружба. Потоа, се беше поинаку, па и не се чувствуваше дека само неколку часови порано бевме, можам слободно така да се изразам – среде воениот виор.
ИСХОДОТ ОД СРЕДБАТА – ВО СЕНКА НА СЛУЧУВАЊАТА
По пат имавме уште неколку застанувања поради зачестените контроли, што со оглед на ситуацијата,беа и нормални. Проблеми немавме, дури откако војниците ( полицајци немаше зашто војската презеде се во свои раце) ќе слушнеа за кого се работи беа многу љубезни и ни посакуваа среќен пат. Малку подолго беше задржувањето на дваесетина километри пред границата кај Богородица, зашто овде мораше секој посебно да биде легитимиран и да влезе во списокот на оние што ја напуштаат земјата на денот на државниот удар. Веројатно, таква беше процедурата насекаде-не само во Грција, кога има вакво нешто, па затоа немаше место за лутење.
На граничниот премин, на влезот во нашат држава, бевме изненадени од пречекот. Тука беа дојдени љубители на фудбалот од Гевгелија и од поблиските места, ги имаше и од Скопје, за да видат дали е се во ред со нивните фудбалски миленици. Имаше и голем број новинари, кои го регистрираа враќањето н Вардар, по оние драматични моменти во Грција. За натпреварот и исходот од него и многу не се зборуваше, поради настанатата ситуација тоа падна во втор план. Реваншот со АЕК во Скопје заврши без победник 1:1, а истата година во групата од Балканскиот куп,заедно со Вардар и АЕК,играше и Фарул од Костанца, против кој вардарците беа поуспешнио.Таму пораз од 2-0, но дома победа од 4-0 .
Поради случувањата во Грција во првиот момент се чинеше дека натпреварите во групата нема да се доиграат, но спортот уште еднаш ја покажа својата големина. Впрочем суштината на неговото постоење е да ги движи нештата напред, зашто тој е битен сегмент во меѓународната соработка без оглед на тоа кој од каква средина доаѓа богата или сиромашна, мала или голема држава. И Вардар во очите на луѓето беше третиран така – како спортски репрезент на еден народ, на една нација.