Вакцината Фајзер/Бионтек против коронавирус е 93 отсто ефикасна во спречување на хоспитализација кај младите лица на возраст од 12 до 18 години, укажуваат анализите објавени денеска од страна на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Студијата била спроведена во периодот од јуни до септември, кога беше присутен исклучително заразниот делта сој на коронавирус.
Како што се наведува, податоците од 19 педијатриски болници покажале дека помеѓу 179 хоспитализирани пациенти поради Ковид-19, дури 97 отсто биле невакцинирани, што е уште една потврда за ефикасноста на вакцината, пренесува „Ројтерс“.
Вакцината Фајзер/Бионтек е одобрена за употреба кај деца на возраст од 12 години, а компанијата бара одобрување и за употреба кај деца на возраст од 5 години.
Се очекува панел експерти од американската Управа за храна и лекови овој месец да ги разгледаат податоците за употребата на оваа вакцина кај мали деца.
Авторите на истражувањето истакнуваат дека студијата укажува на „важноста од вакцинација која може да ги заштити адолесцентите од развој на потежок облик на Ковид-19“.