„Модерна Инк.“ во четвртокот објави дека нејзината вакцина против Ковид-19 е околу 93 проценти ефикасна шест месеци по втората доза, без значителни промени по клиничкото тестирање.
Сепак, податоците не го вклучуваат ефектот на вакцината против позаразната делта варијанта на коронавирусот, што предизвика зголемување на инфекции кај вакцинираните лица.
Со оглед на влијанието на делта-сојот и очекувањата дека заштитните антитела ќе ослабнат, компанијата вели дека очекува да биде потребна „бустер доза“ оваа зима.
„Модерна“, заедно со „Фајзер“ и „Бајонтек“, кои произведуваат слични вакцини со mRNA технологија, се залага за трета доза, иако службениците од јавното здравство повикуваат на повеќе докази дека таа воопшто е потребна.
Делта варијантата, која брзо се шири и сега е доминантна во многу земји, предизвика зголемување на хоспитализациите и зголемување на бројот на смртни случаи кај оние кои не се вакцинирани.
Претседателот на компанијата, Стивен Хоге во интервју рече дека податоците за ефикасноста од 93 проценти го покриваат периодот до март оваа година.
„Се чини дека имаме долгорочна ефикасност“, рече Хоге. „Но, во моментов не знаеме што се случува со делта варијантата, особено кога станува збор за експлозијата на случаи што се случи во јуни и јули“.