„Утринава влезе во земјава семејството со новороденчето, има уште 7 граѓани кои се во активна евакуација, се мобилизираме, ќе пратиме и транспортни комбиња. Последната бројка е 77 наши државјани, со нив има и членови кои се Украинци, украински државјани, за кои имаме преземено обврска за евакуација. Околностите стануваат се потешки. Предлагав на Влада за прием на бегалци, ослободување на обврска за ПЦР тестови, ги предвидовме сите чекори за да има непречено прифаќање. Тенденцијата е накај Полска, Романија, во Грција и Хрватска веќе пристигнале бегалци, кај нас се уште нема. Ќе треба да сме подготвени од сите аспекти“ вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во Студио 10 на ТВ24.
Тој вели дека „првпат почувствувавме како е да си дел од НАТО. Ги повикувавме порано граѓаните да ја напуштат Украина затоа што имавме информации, НАТО гарантира безбедност. Напад врз наша територија ќе е напад врз сите 29 членки. Имаме обврска да ја заштитиме територијата на НАТО. Никој не е против рускиот народ. Треба да бидеме погласни во сите општествени сектори, не само нашата Влада. Ситуацијата е црно-бела, нема сиво“.
„Нема народ кој прави агресија, тоа обично е Влада која го заведува својот народ, мора да имаме јасен став околу руската влада. Со поддршката на Украина ја поддржуваме нашата држава, правото секоја држава сама да си ги одбира приоритетите“ вели Османи во Студио 10.