Зоран Михајлов
Георгиевски ќе остане можеби единствениот македонски кошаркар со олимписки медал, освоен во Монтреал 1976 година, со кошаркарската репрезентација на Југославија. Репрезентативниот стаж, покрај триумфите на Балканијадите, заокружен со „злато“ од Медитеранот, потоа „сребро“ од Европските првенства и „бронза“ од Универзијадите
Не можам да ја почнам приказната за Благоја Георгиевски-Буштур, а да не го споменам неговиот татко Марко. Тој беше вработен во МВР и како што вели Буштур во шега – иако полицаец тој меѓу последните дознал дека неговиот син-без негово знаење и дозвола „тајно“ тренира кошарка!
-Татко ми не беше расположен да спортувам. За него приоритет беше учењето и факултетот, се друго –барем што се однесуваше до мене, ставаше на страна. Но, јас и покрај неговото противење бев вљубен во играта меѓу кошевите и не можев да се помирам да не се занимавам со овој спорт, кој во тој период најмногу поради реултатите на Работнички беше многу популарен. За да не ме открие татко ми дека одам на тренинг, дури и патиките бев принуден да ги кријам. Но, како што има почеток – се има и свој крај. Така дојде и крајот на моето криење. Интересно ќе биде да кажам како дојде до тоа татко ми да попушти. Една недела му велам: ајде да одиме во салата во Кале – има турнир на младински екипи, малку да погледаме кошарка. Тој прифати и заедно отидовме на турнирот. По првиот натпревар мене ме снема, отидов во соблекувалната, таму ми беше опремата и работата беше завршена. Кога се појавив на теренот, татко ми веќе беше немоќен. Сфати дека без кошарка не можам. По завршувањето на турнирот дури беше пресреќен, зашто одиграв одлично и на крајот бев прогласен за најдобар играч. Од тие моменти и татко ми стана кошаркарски фан и без негово присуство во следните години не можеше да сезамисли ниту еден натпревар на Работнички. Ете,таков беше мојот почеток…
Олимпија му ја отвори вратата во елитата
Благоја Георгиевски од тие моменти беше кошаркарот за кој почна на големо да се зборува. Беше очигледно дека е голем талент, а кога на тоа ќе се додадеше дека има и јуначко срце, немаше колебање дека тој ќе биде големата надеж на Работнички и на македонската кошарка.
Кариерата на популарниот Буштур практично почна во 1967 година, за во 1969 година, по настапот на оној турнир на кој и татко му беше изненаден од својот син, Лазар Лечиќ да почне да смета на него за настап и во сениорскиот тим.
-Првата прволигашка игра има интересна предигра. Од екипата отсуствуваше Димитровски, па така Лечиќ преку Огнен Герасимовски ми испрати порака, да дојдам во салата во Чаир каде требаше да се одигра прволигашката средба со Олимпија од Љубљана. Во првиот момент помислив дека е тоа некоја шега. Но, кога отидов во салата видов дека е вистина. Лечиќ го соопшти составот, а во него бев и јас. Нормално бев возбуден и покрај тоа што не верував дали воопшто ќе влезам во игра. Но, кога најмалку очекуваш се случува работите да се наместат како што посакуваш, па така се наместија и за мене. Олимпија за која настапуваше легендарниот Иво Данеу на полувремето имаше предност од 22 поена. Но, во второто полувреме се разви голема борба. Се разиграа Дули Андоновски, браќата Луковски, Тевчев, Боцевски, Радосављевиќ, тоа беше една пеколна битка во која заработија многу лични грешки. Кога беше означен крајот на мечот на семафорот стоеше резултатот 95:95. Требаше да се игра продолжение, а на клупата останав само јас! Лечиќ немаше друг избор, да беше и некој друг, мораше да го уфрли во игра. Така добив шанса да заиграм и замислете веднаш добив задача да го чувам Данеу. Дотогаш можев само да сонувамам дека ќе дојде време некогаш да заиграм против него. Ете се случи и тоа. Заборавив на се и си реков: Буштур сега е твојата шанса. Продолжението го одиграв како во транс и ги постигнав сите 9 кошеви за Работнички, што беа доволни за победа. Не можев да верувам што се случи. Цела југословенска кошаркарска јавност се прашуваше: кое е ова момче кој ја „покори“ една Олимпија?
Георгиевски потоа имаше метеорски подем. Стана личност за која најчесто се зборуваше во кошаркарскиот свет, а тој веќе на следната средба со Задар во гости требаше да го чува славниот Јосип Ѓерѓа. Така, се најде пред уште една одговорна задача, која беспрекорно ја изврши, а Работнички и овде победи со 71:70. Веќе немааше колебање – ѕвездата беше родена. Сите сега го очекуваа неговиот натамошен развој.
Први медали со репрезентацијата
КК Работнички во името на Благоја Георгиевски го доби кошаркарот кој во наредниот период ќе стане вистински лидер и капитен на екипата. Брзо дојде моментот кога тој го облече најнапред дресот на младинската, а потоа и на најсилната сениорска репрезентација. Олеснителна околност за него, на почетокот на репрезентативната кариера беше фактот што неговиот клупски тренер Лечиќ беше и тренер на младинската селекција на поранешната држава. Слично како две-три години порано, кога во репрезентацијата го зеде Драган Радосављевиќ, сега тоа го стори со Георгиевски. Меѓутоа, за разлика од репрезентативната кариера на Радосављевиќ, кариерата на Буштур траеше многу подолго. Неговите квалитети беа забележани и од селекторот на тогашната сениорска репрезентација Ранко Жеравица, па така кошаркарот на Работнички доби повик за настап во најсилниот тим.
-Од сите тие години, секако во сеќавање ќе ми остане Универзијадата во Торино на која го освоивме третото место. Ова беше првиот медал за мене од големите приредби. Тоа се случи истата година кога Југославија во Љубљана стана светски првак – 1970. Многу кошаркари од тој победнички тим се најдоа и во универзитетската екипа. Недостасуваа само Данеу и Рајковиќ, кој за жал по СП во Љубљана ненадејно почина. Потоа, кога Жеравица ме повика во сениорската репрезентација за ЕП во Германија 1971 година, тука се придодадоа уште Делибашиќ и Кичановиќ. На тоа првенство игравме одлично и стигнавме до финалето, во кое бевме поразени од поранешниот СССР. Но, и втророто место и сребрениот медал за мене беа вредни како да сме шампиони.
За еден млад кошаркар тоа беше голем стимул за иднината. Интересно е дека Буштур имаше еден молневит пробив во сите репрезентативни селекции. Сепак, настапите за првата реперезентација беа оние што ја обележаа неговата кариера.
Олимпиец во Минхен 1972 година
Во меѓувреме Георгиевски станува носител на играта на Работнички. Без него не можеше да се замисли тимот. Тој стана и миленик на гледачите, кои не само што се воодушевуваа на неговата игра и потези, туку посебно го ценеа и поради борбеноста и победничкиот дух со кој што влегуваше во секој натпревар.
-Во спортот нема тактизирање, секогаш треба да се даде максимумот, ако сакаш подолго да останеш во врвот. Така беше и со мене, целиот се вложував во играта, давав се од себе. На еден меч со Партизан во Белград, во занес на борбата се фрлив по една топка, која веќе одеше во аут. Потоа, и самиот не знам како повторно се најдов на теренот и веќе одев во против напад. Топката стигна до мене, постигнав кош, а Кичановиќ кој додека „летав“ по топката во аут беше покрај мене, се зачуди и се фати за глава и ми рече „од каде излезе, сега…“
Ова е само еден фрагмент што говори за борбеноста на Буштур, а ги имаше многу. Можеби поради тоа му „легна“ на срце на селекторот Ранко Жеравица, кој веќе не го испушташе од вид, па така најдобриот македонски кошаркар се најде и на списокот на патниците за Олимпијадата во Минхен 1972 година.
-Тоа беа многу пријатни мигови за мене, зашто сон на секој спортист е да настапи на Олимпијадата. Тој сон мене ми се оствари многу брзо, но за жал Минхен ќе го паметам по две работи, кои кај мене донесоа и тага. Едната е кога терористи влегоа во олимпиското село и убија неколку израелски спортисти, а втората е поразот во четртфиналето од Порторико. Првата работа го потресе мирољубивиот свет, а втората – оној пораз од Порторико, ги разочара оние што се за чесна и спортска борба. Имено, на допинг-контролата по средбата, која ја загубивме со минимален резултат, беше утврдено дека еден од противничките кошаркари бил допингуван. За ваква работа, според сите прописи на Меѓународниот олимписки комитет, требаше да се поништи постигнатиот резултат и нам да ни биде доделена победа со службен резултат. Но, тоа не беше сторено. Беше дисквалификуван само допингуваниот кошаркар. Така ние испаднавме, а потоа го освоивме петтото место, додека Порторико отиде натаму. Ова, како што ни соопштиоја подоцна на состанокот челните луѓе на тогашниот Југословенски олимписки комитет – било сторено најмногу поради фактот што Порторико требаше да биде следниот организатор на Светското кошаркарско првенство. Затоа, за да не биде доведена во прашање организацијата на тој шамппионат, репрезентацијата на Порторико не беше казнета.
По овој настан, имаше големо разочарување во нашиот табор, а еден од најпреспективните играчи, Љубодраг Симоновиќ, кој тогаш имаше 23 години, во знак на револт, водејќи се од принципите на спортскиот фер-плеј ја напушти репрезентацијата и повеќе не заигра за неа. Тоа беше голема загуба за југословенската репрезентативна кошарка, но Симоновиќ никој не можеше да го разубеди и остана доследен на своите принципи.
-Минхен беше мојата прва Олимпијада, која поради случувањата надвор од спортскиот терен мина во една затегната и би рекол непријатна атмосфера. Но, затоа пак, покрај настапите на другите приредби, си поставив за цел да изборам место во репрезентацијата за следната Олимпијада во Монтреал, четири години подоцна.
На вториот олимписки собир за него – беше освоен сребрениот медал. Во финалето Југославија беше поразена од САД, но поинаков исход во мечот се светската кошаркарска сила број еден и не можеше да се очекува.
-За мене претставуваше големо разочарување кога во 1975 година не бев земен во репрезентацијата за настап на Европското првенство што се одржуваше во нашата земја. Јас ги минав подготовките и на ден пред тргнувањето за Сплит, каде требаше да ги играме натпреварите од нашата група, селекторот Мирко Новосел ме извести дека нема да бидам во составот. Образложението беше поткрепено со фактот што легендарниот Рато Тврдиќ требаше да се прости од репрезентацијата, па ова е убав момент тоа да го стори пред своите гледачи. Можеби ова е во ред, но зарем селекторскиот тим тоа не го знаеше од порано! Вака бев доведен во многу непријатна ситуација. Ми беше понудено да патувам со репрезентацијата, да бидам со неа-како да сум нејзин член, но тоа не можев да го прифатам. Сметав дека ќе ми биде уште потешко, ако бидам таму, а не настапувам. Затоа, се вратив дома и си продолжив да тренирам со мојот Работнички.
Потег што скапо го чинеше!
Ова беше еден од најнепријатните моментио во кариерата на Благоја Георгиевски врзани со репрезентацијата. Дури и кошаркарската јавност беше изненадена, бидејќи Буштур беше стандарден и редовно настапуваше за репрезентативниот тим. Но, се чини овде одигра улога и еден друг момент, што може, но и не мора да биде пресуден и да остане во рамките на шпекулацијата. Имено, Буштур на прволигашката пресметка со Локомотива-во Скопје го понижи тимот на загрепчаните и нивниот тренер Новосел.
Еве всушност што се случи: откако Работнички одигра доминантно и имаше солидна предност, во завршницата Георгиевски во моментите кога одеше во противнапад, топката наместо во кошот ја „закуца“ во малиот кош за собирање топки, поставен во непосредна близина на главниот кош! Овој потег предизвика воодушевување кај гледачите, но беше санкциониран со техничка од судиите.
-Кога давав изјава по натпреварот, судијата Белошевиќ ме праша дали е ова масло на Лечиќ. Јас му одговорив дека не е и дека тоа го сторив во транс, занесен од играта. Не ми поверува, зашто и нему му беше сомнително, зошто – кога веќе ја имавме обезбедено победата, пред самиот крај Лечиќ побара тајм-аут. За да биде интересно за публиката, тој бараше од нас – оној играч што ќе оди на контра, да го стори тоа што го направив јас. Значи ова можеше да биде и некој друг играч. Искусниот Белошевиќ ги знаеше штосовите на Лечиќ, па затоа не ми поверува и не бев казнет.
Тогаш и Лечиќ имаше свои „рачуници“, зашто се чувствуваше навреден од претенциозните изјави на Новосел пред мечот. Во сите негови изјави како да провејуваше потценување кон скопскиот тим, па по се изгледа тоа ја прели чашата. А, кога дојде една ваква ситуација, за да му врати „мило за драго“ на својот загрепски колега, Лечиќ го измисли „помошниот кош“! Георгиевски беше само реализатор на замислата на својот тренер, што подоцна скапо го чинеше. Новосел, кој беше селектор, иако не се сомневаше во квалитетите на нашиот најдобар кошаркар, се откажа од неговите услуги на неколку значајни настапи на репрезентацијата.
Враќање во олимпискиот состав
Сепак, подоцна работите дојдоа на свое. Мирко Новосел, кој на кормилото дојде по Ранко Жеравица, не можеше да се откаже од услугите на Георгиевски. Тој не само што беше столб во Работнички, туку беше и еден од најекспонираните и најквалитетните играчи во југословенската лига. Акумулираното искуство, желбата за победа и борба до последен здив, беа адутите на Буштур. Кога на ова ќе се додадеа сите други играчки атрибути, тогаш немаше колебање дека станува збор за играч, кој би го посакал секој тренер. Така, по многуте квалитетни, некои дури феноменално одиграни мечеви за Работнички, вратата во репрезентацијата повторно му беше отворена. Најнапред во 1975 година со репрезентацијата триумфираше на Медитеранските игри во Алжир, за веќе следната година Георгиевски да се најде на списокот на патниците за олимпискиот собир во Монтреал. Тогаш, во составот на поранешната држава, покрај него беа уште боксерот Аце Русевски и борачите Киро Ристов, Ристо Дарлев и Шабан Сејдиу.
-Оваа Олимпијада никогаш нема да ја заборавам. Минавме низ многу неизвесности, често бевме како брод на разбрането море, кого брановите го носеа час на една час на друга страна. Дека е ова така најубаво зборува четвртфиналниот натпревар со Италија. Азурите во последните три-четири секунди имаа предност од еден поен. Победата им беше тука, на дофат. Селекторот Новосел искористи еден прекин и побара тајм-аут. Ситуацијата во која што се наоѓавме беше речиси безизлезна, требаше да се изведе една невозможна операција. Во вакви ситуации се знае, се бара првиот слободен играч и бидејќи нема време нему му останува да ја реши ситуацијата. Сите помислувавме дека тоа ќе биде високиот Ќосиќ. Но за среќа, тој слободен играч беше Зоран Славниќ. Топката дојде до него и во моментите кога почна одбројувањето, тој влезе во рекетот-биеше и погоди! Во истиот момент сирената означи крај на средбата, во која во последната секунда извојувавме победа со половина кош. На радоста и немаше крај, сите потрчавме кон Славниќ, кој се најде на паркетот, а јас се сеќавам бидејќи бев најблиску до него се обидував со рацете, колку што можам да го заштитам за да не дојде сета тежина врз него.
Со оваа победа Југославија го отвори патот во полуфиналето во кое ја очекуваше секогаш незгодната и опасна репрезентација на поранешниот СССР. Дуелите со тимот во кој главни звезди беа Александар и Сергеј Белов, потоа Арзамасков, Салников, Милосердов, Шармухамедов и Ткаченко, отсекогаш беа тешки и неизвесни. Битките меѓу Југославија и СССР носеле многу возбуда и тактичко надмудрување. Овде влогот беше голем и мораше да се игра внимателно.
-Во таа насока беа и упатствата на Новосел. Беше договорено да не се брза, да се игра внимателно, но по првото полувреме Советите имаа предност и водство. Во вториот дел тргнавме порешително, па дојде и резултатот од таквата игра, победивме со 89:84. Се пласиравме во финалето и за нас работата веќе беше завршена – за она што дојдовме тоа го остваривме, го обезбедивме сребрениот медал. Во борба за „златото“ противник ни беше тимот на САД, против кого објективно немавме шанси, па така ни остана со една чесна борба да го завршиме олимпискиот настап. На тој начин го повторивме успехот на онаа генерација предводена од легендарниот Радивое Кораќ, која во Мексико 1968 година го освои сребрениот медал, а во финалето исто како и ние – беа поразени од САД.
По оваа Олимпијада Георгиевски со уште неколку кошаркари,како и селекторот Новосел,се простија од репрезентацијата.
Со Работнички до европскиот врв
Сепак она што беше основно во кариерата на Георгиевски беа настапите за Работнички. Клубот, а заедно со него и кошаркарите беа вистински миленици на спортската публика во Македонија. Буштур, пак како капитен на екипата секогаш беше во центарот на вниманието, а противничките екипи од него најмногу стравуваа. Кога ќе тргнеше Буштур немаше сила, што можеше да го сопре. Беше како тајфун, носеше се пред себе, па често пати кога се мислеше дека е „заглавен“ и се наоѓа во безизлезна ситуација, тој ќе изнајдеше решение. За него немаше загубена топка, беше вистински мотор во екипата. Тој и кога беше најтешко ги мотивиораше соиграчите и со својата борбеност го креваше моралот на целата екипа. Работнички во тој период, најмногу поради Георгиевски, беше еден од најреспектираните тимови во Првата југословенска лига. Меѓутоа, Работнички не се задоволи само со тоа да биде ценет и почитуван само на поранершните ју-простори. Играчите посакуваа да излезат и на меѓународната сцена, тука да го покажат својот квалитет. Кога им се укажа шанса за тоа малку недостигаше да се искачат и на самиот европски врв. Настапувајќи во Купот на националните куп-победници, стигнаа до полуфиналето, во кое беа елиминирани од Чинцано од Милано.
-Но, овде се случи нешто чудно. На реваншот во Милано, јас и Радосављевиќ, замислете добивме труење од храна! Не верувам дека ова беше случајно, зашто тогаш ние двајца бевме најдобрите играчи на Работнички. Јас немав сили да играм, Радосављевиќ се измачуваше и така бевме елиминирани.
По многу тешки битки, задоволства,но и по некое разочарувања, конечно во 1984 година доаѓа крајот на играчката кариера на популарниот Буштур. Збогувањето беше обележено со еден спектакл во кој учествуваа сите негови репрезентативни колеги, со што уште еднаш му искажаа голема почит. Георгиевски се повелече во моментот кога можеше уште многу да даде во кошарката. Но, како што вели – најдобро е спортистот да замине тогаш, кога е уште силен, за да остане во убави сеќавања на гледачите.
Лична карта – Благоја Георгиевски-Буштур
Роден 1950 година во Скопје
Кариера: КК Работнички и репрезентацијата на Југославија
Успеси: Сребрен медал од ОИ и ЕП, бронзен медал од Универзијада, златен медал од Медитеранските игри во Алжир 1975 и повеќе балкански титули. Со Работнички учество во полуфиналето на Европскиот Куп.
Тренерска кариера: Селектор на репрезентацијата на Македонија
Спортист на Македонија
Во годината кога го освои сребрениот медал со сениорската репрезентација на поранешна Југославија во Германија – 1971, Благоја Георгиевски беше прогласен за најдобар сопортист на Македонија. Тој и следните години, додека беше активен играч, имаше место меѓу десетмината најдобри во Македонија, но по втор пат не стигна до првото место. Најблиску до второто признание беше во 1976 година, кога на Олимпијадата во Монтреал со кошаркарската репрезентација беше втор, но тогаш почесното место му припадна на Аце Русевски, кој беше трет на боксерскиот олимписки турнир.
Великан на МОК
За високите спортски резултати што ги постигна на кошаркарските терени-Благоја Георгиевски од 1997 година е сместен меѓу великаните на Македонскиот олимписки комитет. Двете учества на Олимпијадите и сребрениот медал од Монтреал 1976 година, му го овозможија почесното место меѓу македонските спортски великани.
Генерален секретар и селектор
По осамостојувањето на нашата држава Благоја Георгиевски-Буштур беше првиот генерален секретар на Коишаркарската федерација на Македонија. Потоа, седна и на селекторското столче и ја водеше нашата репрезентација низ квалификациите за ЕП во 1997 година. Тогаш, само еден несреќен пораз од Финска во Скопје ни ја затвори вратата за првиот настап на ЕП. Но, затоа пак тоа беше период кога се создаде тимот, кој по две години под водството на Заре Марковски настапи на Европското првенство во Франција.
Љубица, Цука, Цефи, Ацика, Лазо…
Буштур со задоволсњтво зборуваше за сите оние што придонеле да стане звезда во кошаркарскиот спорт.
-Уште во гимназијата ги имав за наставници по физичко врвните педагози и спортисти Љубица Алексиева и Цука Симиќ. Тие правилно ме насочија и ми го трасираа патот кон успехот. Потоа, дојдоа и тренерите Цефи, Ацика и Лазо. Од сите научив по нешто и така стигнав до таму каде што стигнав.