Серија инциденти во Загреб, во кои поради Македонија се нападнати бугарски државјани, пишува хрватски „Јутарњи лист“. Имено, поред пријавата на бугарската амбасадорка во Хрватска, Генка Веселинова Георгиева, изминатите неколку дена, поради изјавите на претседателот Зоран Милановиќ за односот на Софија кон Скопје, во Загреб се случиле три инциденти во кои биле нападнати државјани на Бугарија.
Според првиот извештај, мета била постара дама, бугарска државјанка, која била нападната од таксист. Во извештајот се наведува дека таа влегла во такси, а возачот ѝ забележал дека премногу силно ја затворила вратата. Потоа ја прашал од каде е, и кога го слушна одговорот дека е од Бугарија, наводно следел агресивен вербален напад: „Вие, Бугарите со валканата политика кон Македонија, доаѓате да живеете тука во нашата прекрасна Хрватска“.
Во извештајот се наведува дека таксистот го запрел автомобилот, ја замолил дамата да плати за возењето и да излезе од возилото. Дамата излегла и го замолила возачот да ѝ помогне со тешка торба од багажникот, на што тој грубо ја фрлил торбата, па дамата, наводно, паднала поради тоа.
Во вториот случај, жалителот е исто така бугарска државјанка која пријавила дека предмети биле фрлени кон нејзиниот сопруг на пазарот. На ова претходела дебата за потеклото на стоката што се продава, а тоа довело до прашањето за потеклото на учесниците во дебатата. Продавачот започнал да го навредува бугарскиот државјанин затоа што, се вели во извештајот, „Бугарија ја уценува несреќната Македонија“, а потоа му бил фрлен предмет.
Во третиот случај, на синот на бугарски државјанин, наводно, му бил забранет пристап до градинка во Загреб. Но, по сомневањата за дискриминација на децата и интервенција на амбасадата, случајот бил решен.