Македонските спортисти на Специјалната олимпијада во Абу Даби за закитија со уште едно одличје, откако кошаркарската репрезентација дојде до бронзата со победата во битката за трето место против Буркина Фасо (24-18).
Екипата предводена од тренерите Ана Котевска, Раша Петровиќ и Дејан Дојчиновски со тоа им се приклучија на спортистите кои претходно на ова натпреварување освоија две златни и уште еден бронзен медал. До најсјајното одличје дојдоа Марио Мицковски и Стефан Трпковски во пливачките трки на 50 метри слободен стил, додека бронзата заврши на градите на Адрија Шабан во атлетската трка на 50 метри.
Летните олимписки игри на Специјална олимпијада Абу Даби 2019 се најголемиот спортски настан со хуманитарен карактер на планетата. Учествуваат повеќе од 7.000 спортисти од 190 земји од светот кои ќе се натпреваруваат во 24 спортови. Игрите се одржуваат со поддршка од 20.000 волонтери. Ова се први олимписки игри во регионот на Блискиот Исток.