Националната здравствена служба (НХС), здравствениот систем во Обединетото кралство, тестира нов лек за намалување на холестеролот во крвта, наречен Инклисиран, чија цел е да ја спречи смртноста од ефектите на кардиоваскуларните заболувања кај британското население.
Нивоата на холестерол над националните упатства во моментов се евидентирани кај речиси половина од возрасната популација во Велика Британија, а осум милиони жители на таа земја редовно земаат лекови за намалување на липидите во крвта, пишува „Medical News Today“.
Новиот лек за намалување на холестеролот во крвта наречен Инклисиран ја зголемува способноста на црниот дроб да го намали нивото на липопротеини со мала густина (ЛДЛ), познат како „лош“ холестерол.
Резултатите од глобалната студија спроведена од Империјал колеџот во Лондон покажаа дека лекот е многу ефикасен, а истражувањата во третата фаза покажаа дека Инклисиран, со интервал од шест месеци, го намали нивото на холестерол до 50 проценти. Во комбинација со статини, истражувачите предвидуваат намалување на нивото на холестерол за 75 до 80 проценти.
Во текот на следните три години, може да биде достапен за околу 300.000 пациенти кои имаат историја на кардиоваскуларни заболувања, како и високо ниво на холестерол.
Ако воведувањето на лекот оди според планот и 300.000 пациенти ќе го примат лекот во следните три години, експертите веруваат дека тогаш може да спречи 55.000 срцеви и мозочни удари во Велика Британија и да спаси повеќе од 30.000 животи во следните десет години.
Третманот може да биде достапен од 2021 година, а лекот ќе се дава двапати годишно за пациенти со висок ризик од развој на срцеви заболувања, а кај некои пациенти во комбинација со статини.