Сцената од серијата „Сплетки“, во која Дел Бој пропаѓа низ отворен шанк, е избрана за најсмешната во британските серии на сите времиња.
Станува збор за сцената во која Дел Бој (Дејвид Џејсон), за време на едно вечерно излегување, се потпира на шанкот – кој во меѓувреме е подигнат, без тој да забележи – и паѓа на подот. Во исто време, неговиот пријател Тригер (Роџер Лојд Пак) не ни регистрира што се случило, пренесува NME.
Две илјади Британци ја изгласаа таа сцена за најсмешна во анкетата што ја спроведе ТВ каналот „Голд“ по повод 30-годишнината од постоењето.
Истата анкета откри и дека „Only Fools and Horses“ е омилена серија на островот со 29 отсто гласови, додека Дел Бој е убедливо омилен лик со дури 59 отсто гласови.
Минатата година сцената со отворениот шанк беше прогласена за најсмешна во серијата „Only Fools and Horses“, во анкетата на RadioTimes по повод 40 години од популарниот ситком.