Британското „Радио Керолајн“ (Radio Caroline) по грешка објави дека кралот Чарлс Трети починал.
Имено, радио-станицата, која емитува програма низ јужна Англија, ненадејно ја прекинала песната „What’s Up?“ од бендот „4 Non Blondes“ за да ја пренесе веста за наводната смрт на кралот, по што била пуштена песната „God Save the King“.
Меѓутоа, набргу по грешката, тие упатија извинување, наведувајќи дека дошло до „компјутерска грешка“.
„Поради компјутерска грешка во нашето главно студио, процедурата за смрт на кралот, која сите радиостаници во Велика Британија ја држат во подготвеност со надеж дека никогаш нема да биде потребна, случајно беше активирана во вторникот попладне (19 мај), при што погрешно беше објавено дека Неговото Височество кралот починал“, напишал водителот на радиостаницата Питер Мур на Фејсбук.
По грешката, тие емитувале претходна порака од кралицата и кралот и додале дека се надеваат дека тоа ќе го прават уште многу години.
„Му се извинуваме на Неговото Височество кралот и на нашите слушатели за евентуалните непријатности“, додал Мур.
Лажната вест навела многу слушатели да коментираат како се чувствувале во моментот кога ја слушнале.
„Тоа беше шок, но откако ѝ кажав на сопругата и на соседите, сфатив дека станува збор за грешка и можеби почувствував олеснување, а потоа почнавме да се смееме“, „Ова го слушнав додека работев во гаражата. Втрчав во куќата викајќи ѝ на сопругата: ’Мртов е! Чарлс е проклето мртов‘. Таа изгледаше збунето и рече: ’Па, вчера беше на саемот за цвеќе‘“, се дел од коментарите.
Инаку, кралот Чарлс Трети и кралицата Камила во вторникот пристигнале во Белфаст во рамки на првата овогодишна посета на Северна Ирска, откако претходниот ден присуствувале на Кралската изложба на цвеќе во Челси.
Првата станица на кралскиот пар бил настан во квартот Титаник во Белфаст, организиран во чест на домаќинството на овогодишниот фестивал „Fleadh Cheoil na hEireann“, најголемиот светски фестивал на ирска музика и танц.
