Почина на 2 февруари на 51-годишна возраст. Зад себе ја остави сопругата Џесика Холмс со која бил во брак од 2016 година и нивните 3 сина, близнаци кои имаат 2 години и постариот, петгодишен син. Имал претчувство дека опаката болест ќе победи, па за децата купил посебни подароци – за нивниот 18 роденден.
„Ме боли помислата дека близнаците веројатно нема да ме паметат. Ги слушаме луѓето постојано како велат: ’Не се сеќавам на татко ми. Тој почина кога бев толку млад/а‘. Размислувам за тоа и срцето ми се крши затоа што тоа е она што ми е судено да бидам, всушност – фуснота во нивниот живот.
Затоа се трудам да им оставам потсетници за мојата љубов“, зборувал познатиот британски водител Џони Ирвин, пренесува „Daily Mail“.
Водителот, кој со години се борел со рак на белите дробови, ги регулирал сите трошоци околу семејниот дом како би неговата сопруга и деца можат да продолжат со животот без долгови.
„Со тешко срце ја споделуваме веста за смртта на Џони. Тој беше извонредна душа, храбро се бореше со ракот со непоколеблива сила и борбеност. Џони ги допре животите на многумина со својата добрина, топлина и прекрасниот дух со кој влијаеше на другите“, соопштило семејството.
На водителот на „A Place In The Sun I Escape To The Country“ во 2020 година му бил дијагностициран рак на белите дробови. Тој сфатил дека нешто не е во ред со неговото здравје додека го снимал „A Place In The Sun“ во Италија, кога видот му се заматил додека возел. Во почетокот не говорел за својата болест, а сè открил во 2022 година кога ракот метастазирал на мозокот.