Многу мал број, претежно постари пациенти со Ковид-19, завршуваат во болница или умираат иако ја примиле првата доза на вакцината Фајзер или АстраЗенека, но тоа не значи дека вакцините се неефикасни, објавија денес британски научници.
Тие презентираа податоци за подгрупа на хоспитализирани пациенти со Ковид-19 во Велика Британија и заклучија дека наодите покажуваат одредено ниво на „неуспех на вакцината“. Ова се случаи кога вакцинираните лица сè уште се заразуваат, но експертите велат дека тоа „не е неочекувано“, пренесе Танјуг.
„Главно се случува во групата која е најмногу изложена на ризик од сериозни болести, односно кај постари лица. Овие луѓе се многу слаби“, рече Калум Семпл, професор по детско здравје и медицина на Универзитетот во Ливерпул, кој го водеше истражувањето.
„Не велиме дека вакцината не функционира, туку само дека не е совршена“, додаде Семпл, пренесе „Индекс“.
Научниците истакнаа дека „огромното мнозинство на случаи на инфекција, како и смртните случаи од Ковид-19 по вакцинирањето, биле меѓу ранливите, стари лица“.