Откако 18 милиони лица во Велика Британија се вакцинираа со „АстраЗенека” британските регулатори тврдат дека седум лица починале од згрутчување на крвта по вакцинирањето, но не е утврдено дали вакцината го предизвикала згрутчувањето на крвта.
-Придобивките од спречувањето на инфекцијата со Ковид-19 и компликациите од инфекцијата се уште ги надминуваат сите ризици и жителите треба да продолжат да примаат вакцина кога ќе бидат повикани за имунизација, изјави за Би-Би-Си Џун Рајн, раководител на британската Агенција за регулирање на медицината и здравјето (МХРА).
Претходно, МХРА соопшти дека досега се регистрирани 30 случаи на згрутчување на крвта откако во земјата беа дадени 18,1 милиони дози од вакцината „АстраЗенека”/ Оксфорд.
Заклучно со 24 март, пренесува Агенцијата, пријавени беа 22 случаи на тромбоза на мозокот и уште осум други случаи на тромбоза, но не е јасно дали тие случаи се поврзани со вакцинација.
Поради појавата на згрутчување на крвта по вакцинирањето со „АстраЗенека” некои земји привремено ја прекинаа, а подоцна и ограничија употребата на оваа вакцина само на повозрасните лица.
На пример, Канада ја суспендираше употребата на оваа вакцина на лицата под 55 години, додека Германија за оние под 60 години.
Лондон, пак, тврди дека вакцината е безбедна за сите возрасни групи.
Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека вакцината е безбедна, но, исто така, планира и натамошни консултации за тоа дали да опстојат одлуките за ограничување на употребата на вакцината во некои земји-членки на ЕУ.
Во Велика Британија досега над 31 милиона лица ја примија првата доза од вакцината, а над 18 милиони луѓе ја примија вакцината „АстраЗенека”.