Градежен работник од Велика Британија (41) е прогласен за виновен за убиство на две сексуални работнички во рок од шест месеци.
Во текот на судењето се дознало дека телото на една од жртвите го фрлил во буре за масло, го полил со бензин и ги запалил останките.
Двојниот убиец Марк Браун ги убил Леа Вер и Александра Морган, кои работеле во служба за придружба, и ги запалил нивните тела во буре за масло на оддалечена фарма во близина на Сент Леонардс, во Сасекс, откако ги запознал преку веб-страница за секс услуги.
Браун ја фрлил Морган (34), самохрана мајка на две деца, во домашна печка и ја запалил, а потоа ги отстранил нејзините останки. Од неа останале само јагленисани заби и фрагменти од коски. Телото на 33-годишната Вер никогаш не е пронајдено, но обвинителите веруваат дека ја убил на ист начин.
41-годишникот денеска е осуден за двете убиства. Судијата Николас Хилиард изјавил дека за вакво кривично дело има само една казна – доживотен затвор. Тој додал дека до јануари ќе одлучи дали Браун ќе има можност за помилување, пишува Daily Mail.
За време на судењето, се покажало дека Браун ја чувал 33-годишната Вер, мајка на три деца, во транспортен контејнер на фармата, го контролирал секое нејзино движење и ја малтретирал. Вер последен пат била видена на 6 мај 2021 година. Откако ја убил, почнал да бара нејзина замена. Морган ја намамил на фармата со ветувања за нов и поинаков живот. Таа била пријавена за исчезната во ноември 2021 година.
Браун работел како градежен работник, чувар на хотели и фестивали и дилер на автомобили. Тој чувал украдени автомобили на фармата Литл Бриџ, ги поправал и потоа ги препродавал. Имал еден син со партнерката Лиза Кларк.
Браун ги пронашол Морган и Вер на веб-страниците за секс, а потоа се поврзал со нив на социјалните мрежи и ги бомбардирал со пораки. Откако ја убил Леа Вер, извесно време ја земал нејзината социјална помош, при што украл најмалку 12.000 фунти.