Поранешниот советник во министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ на својот Фејсбук профил жестоко ја критикуваше одлуката на владата за одложување на прогресивниот данот.
– Да бидеме начисто. Со одлуката да го „одложи“ прогресивниот данок, Владата ќе им даде 30-40 милиони евра на најбогатите 1% во оваа држава. Не на сиромашните, не на работниците, не на земјоделците, не на студентите, не на младите, туку на Заевци, Кочовци, Нини, Камчевци и Мијалковци. И, ок, легитимно е. Легитимно е, па и логично, Влада водена од богаташи, да се грижи за богатите, а не за сиромашните – напиша Јовановиќ.
Во својата објава, Јовановиќ ја повикува Владата да не се затскрива зад декларативни изјави дека се залага за подобри права на граѓаните.
– Ама немојте да кажувате дека сте левичари и дека се залагате за социјална правда. Немојте да зборувате дека се залагате за подобро здравство, подобро образование и еднакви можности за сите. Немојте да тврдите дека се застапувате за сиромашните, работниците, земјоделците, студентите, обичните луѓе, народот.
И немојте да ги барате нивните гласови на следните избори. И немојте да се изненадите кога тие нема да гласаат за вас. И кога ќе завршите неславно, како најкратката Влада во историјата на оваа земја. Зашто, како што кажал нашиот народ, што сеете, тоа и ќе жнеете – напиша Јовановиќ.