Битолчанец и неговата сопругата кои патувале во Занзибар, Африка се позитивни на ковид-19. Двајцата веќе се сместени во болница. Мажот се лекува во одделението за нефрологија во Струшката болница, а жената во Скопје.
Тие симптомите на вирусот ги пројавиле два дена пред враѓањето во земјава.
„Инсистиравме да биде однесен во болницата ‘8 Септември’ во Скопје, но ни одговорија дека немаат место. Сè уште не се јавени за прифаќање на пациентот. И денес ќе пратам порака. Не можеме да го оставиме без лекарска грижа“, изјави директорот на Специјализираната болница за нефрологија во Струга, д-р Александар Попоски, пренесува sdk.mk.
Мажот поради бубрежните оштетувања бил хоспитализиран во Струга, додека пак сопругата била хоспитализирана на клиниките во Скопје.
„Пациентот е примен понеделникот навечер. Немавме информација каде престојувал претходно кога го примивме. Колешката од Битола нè извести дека е ковид позитивен и дека вредностите на бубрежните оштетувања му се високи. Нè известија дека во Скопје немало место, не го примале и одлучивме да го примиме“, изјави Попоски.
Од струшката болница известија дека ќе испратат материјали во МАНУ каде што ќе биде утврдено дали станува збор за јужноафриканската мутација која е значително поопасна од изворниот вирус.
Неодамна, студија на „Фајзер“ утврди дека јужноафриканската мутација на коронавирусот би можела значително да ја намали заштитата која ја даваат антителата добиени со нивната вакцина. Иако нема потврда дека оваа мутација е посмртоносна, според некои истражувања јужноафриканската мутација е за 25 до 60% позаразна.